Германската Влада планира да ги укине предупредувањата за патувања во европските земји, воведени во средината на март, како дел од борбата против пандемијата на коронавирусот, од 15 јуни, јави германската новинска агенција ДПА.
„Укинувањето на предупредувањата се однесува на 31 европска земја, вклучително и земји членки на ЕУ, Велика Британија и земји што не се членки на Шенгенот“, јави ДПА, повикувајќи се на документ под наслов „Критериуми за овозможување европски туризам“, што треба да се усвои на редовната седница на владата утре.
Предуслов за укинување на предупредувањата за патувања е поволен развој на состојбата поврзана со ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Во документот се наведува дека Владата била водена од економски аспекти за својата одлука за укинување на предупредувањето.
„Заживувањето на туризмот е важно за туристите и германскиот туризам, но и за економската стабилност во целните земји“, се вели во владиниот документ.
Германската Влада предлага и низа заеднички мерки што треба да спречат повторна појава на пандемија, а исто така ќе побара од европските партнери да воведат мерки кои важат во Германија во случај на продолжување на мерките за заштита.