Бројот на новозаразени со коронавирус во Германија е во опаѓање, поради што министерот за здравство Јенс Шпан најавува постепено укинување на обврската за носење маски.
– При инциденции во опаѓање, би требало да преземаме чекори постепено: прво може да отпадне обврската за носење маски на отворено, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан за весниците од медиумската групација Функе, пренесува Дојче веле.
Во регионите со многу ниска инциденција и висока стапка на вакцинирање, обврската би можела да се укинува постепено и за затворени простории, вели тој.
Германската министерка за правда Кристине Ламбрехт од покраините побара за расчистат дали и каде обврската за носење маски е сѐ уште соодветна. Тоа особено се однесува за учениците, кои мора да носат маски со часови. Тоа е оптоварување, рече Ламбрехт за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Инаку, во Германија првпат по повеќе од осум месеци има помалку од 1000 новоинфицирани за 24 часа. Институтот „Роберт Кох“ регистрира 549 нови случаи. Бројот на новоинфицирани последен пат беше трицифрен во септември минатата година, пренесува Дојче веле.