Германскиот јавен обвинител, Петер Франк, денеска даде повеќе детали за 25-те осомничени уапсени во рациите спроведени на национално ниво против екстремистичката група обвинета за планирање државен удар. Уапсените се обвинети за поддршка или членство во терористичка организација, потврди тој.
„Според нашите сознанија, целта на здружението е да го елиминира постојниот државен поредок во Германија, основниот слободен демократски поредок, користејќи насилство и воени средства“, рече Франк.
Тој посочи дека поранешен пратеник во Бундестагот требало да го преземе ресорот правда во новата власт што осомничените сакале да ја формираат. Меѓу осомничените е и судијката и поранешна пратеничка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија, Биргит Малсак-Винкеман.
„Уапсените се придржуваат до митови за заговор што се состојат од различни наративи, како Рајхсбиргер или КВАнон идеологијата“, рече Френк во Карлсруе.
Покрај „советот“ на групата за одлучување, групата очигледно имала и воено крило, кое според Франк требало да изгради нова германска армија.
Министерството за одбрана претходно соопшти дека меѓу осомничените има вкупно тројца војници, од кои еден активен припадник на Командата на специјалните сили на активна должност и уште двајца други неактивни припадници на Бундесверот. (МИА)