Бројот на мигранти на балканската рута, која води од Турција и Грција преку југоисточна Европа е значително зголемен, а индикаторите кои се релевантни за миграцијата, сега се поголеми отколку во 2017 и 2018 година, се наведува во одговорот на германската Влада на пратеничко прашање за „актуелната хуманитарна и миграциско-политичка ситуација во балканските држави“.
Германската Влада дава одговор на 13 конкретни прашања, кои откриваат доста за миграциската ситуација на Балканот. Од одговорите на некои прашања, како што оценува хрватски Индекс, станува јасно дека „Република Хрватска спроведува неубедливо забошотување на својата политика на пушбек кон мигрантите, која веќе е разоткриена како насилна и противзаконска“.
На прашањето за бројот на илегални преминувања од почетокот на 2019 година во државите од Западен Балкан, германската Влада посочува дека располага со официјални податоци добиени од тие држави. Во одговорот се наведува дека во 2019 година во Македонија, која се наоѓа во првиот дел од балканската рута, евидентирани се 24.601 илегални преминувања, во Србија 17,642, во Хрватска само 4.075, а во Словенија 15.450. Бројот значително опаѓа кога станува збор за Босна и Херцеговина, каде се забележани само 6.039 илегални преминувања.
Порталот Индекс коментира дека во статистиката се забележува зголемување, но дека забележаниот број и натаму е премногу мал во однос на бројките за Словенија како членка на Шенген зоната, од една страна, и Србија и БиХ од друга страна. „Хрватска е последна транзитна земја од балканската рута пред зоната за слободно движење во ЕУ, па во 2019 година сигурно имало повеќе од четири илјади илегални преминувања на границата“, пишува Индекс, алудиријаќи дека хрватските власти ги фабрикуваат податоците.
Што се однесува на податоците за барање азил во земјите од балканската рута, најмногу барања за азил биле поднесени во Црна Гора – 7.939, а најмалку во Србија – 173. Во Македонија лани побарале азил 440 лица, во Албанија 6.182, во Косово 1.852, БиХ – 782, во Хрватска 1986 и во Словенија 3.811.
Во одговорот на пратеничкото прашање, германската Влада наведува и дека нема официјални податоци за тоа колку мигранти кои ја минале балканската рута на крајот завршиле во Германија.
На прашањето како ја проценува моментната хуманитарна ситуација во регионот, германската Влада одговара – „задоволителна“.