Германската Влада на своите граѓани, кои на почетокот на кризата со коронавирусот се враќаа со специјални летови од туристичките места низ светот, сега им наплаќа паушални износи во вредност од 200 до 1.000 евра, соопшти денеска германското Министерство за надворешни работи.
– Со наплаќањето на паушалните износи, германската Влада применува транспарентно и небирократско решение, чија цел е подеднаков третман за сите патници, наведува Министерството.
Со таквиот потег ќе се покријат околу 40 отсто од трошокот, односно вкупно 94 милиони евра, колку што биле потребни за акцијата за враќање на туристите.
Враќањето на граѓаните од поблиските дестинации, како што се Канарските Острови или северниот дел на Африка, ќе ги чини паушал од 200 евра, за летовите од Азија и Јужна Америка ќе треба да платат по 600 евра, а за Австралија и Нов Зеланд по 1.000 евра.
За околу 67.000 индивидуални туристи, кои патувале во сопствена организација, а поради укинувањето на авионските линии не можеа да се вратат во Германија, Владата во Берлин организирала чартер летови од сите делови низ светот.