Германските власти соопштија дека уапсиле група десничарски екстремисти кои планирале да предизвикаат прекини на струја низ целата земја, да создадат услови слични на граѓанска војна и да киднапираат јавни личности, вклучително и министерот за здравство Карл Лаутербах.
Полицијата во средата уапси четири лица за време на рации на повеќе од 20 локации низ Германија како дел од истрагата започната во октомври. Дванаесет лица се под истрага.
Уапсени се членовите на групата „Обединети патриоти“ на апликацијата Телеграм, поврзани со движењето против антиковид мерки и со екстремистичката група Граѓани на Рајхот, чии членови не го прифаќаат уставниот поредок на Германија по Втората светска војна.
Цел на групата било да ги уништи трафостаниците и далноводите за да предизвика долг прекин на струја низ целата земја, да создаде „услови слични на граѓанска војна“ и да го урне демократскиот поредок во Германија, соопштија властите.
Членовите на групата постојано изразувале презир кон германската држава, како и желба рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Германија, после Украина, соопшти полицијата.
Полицијата заплени 22 парчиња огнено оружје, меѓу кои пушка калашников, поголема количина муниција, илјадници евра во кеш, бројни златни прачки и сребрени монети. При претресот пронајдени се фалсификувани потврди за тестирање и вакцинација против коронавирус.
Лаутербах рече дека е „шокиран“ од веста за планот за киднапирање, додавајќи дека случајот „покажува дека протестите поради коронавирусот не само што станале порадикални“, туку дека станува збор за „обид за дестабилизација на државата“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази солидарност со Лаутербах, наведувајќи дека секој во Германија има право да изрази мислење, но дека „правата на слобода имаат граници кои се надминуваат кога постои закана од насилство“, пишува Дојче веле.
– Ќе се бориме против непријателите на нашата демократија со сите средства овозможени од правната држава, потенцираше Шолц.