Специјализираните германски здруженија на лекари за итни случаи и интензивна нега предвидуваат дека на почетокот на мај бројот на пациенти во единиците за интензивна нега за Kовид-19 може да се зголеми на 5.000 луѓе.
Ако Германија не ги заостри итно мерките, смртните случаи од Ковид-19 во државата ќе бидат многу, велат германските медицински лица. Епидемиологот Карл Лаутербах, чии предвидувања скоро секогаш се исполнуваат, зборува за „разурнувачки трет бран“ во изјава за локални медиуми.
Во Германија, инфекциите со коронавирус продолжуваат рапидно да растат. Во моментов, повеќе од 3.000 кревети во болничките единици за интензивна нега се со пациенти болни со Ковид-19 – колку што беше на пикот на првиот бран на пандемијата во пролетта 2020 година. Затоа, лекарите за интензивна нега во Германија вршат притисок за порестриктивно „затворање“ и построги ограничувања на контактите.
Кристијан Карајанидис, претседател на Здружението на интернисти, повика училиштата и градинките да останат затворени додека не се обезбедат можности за масовно тестирање.
– Во спротивно, одделите за интензивна нега во Германија ќе бидат пренатрупани пред мај, рече тој во интервју за германски весници.
Но, дури и ако се преземе акција веднаш, тоа нема да се рефлектира во бројките до средината на април, бидејќи „бранот на пациенти со интензивна нега обично доаѓа две до три недели по бранот на инфекции“, нагласува директорот на Регистарот на германски Специјализирани здруженија на лекари од итна и интензивна нега Гернот Маркс.
Според него, „одделите за интензивна нега се веќе во третиот бран“.