Група правници  поднесоа казнена пријава во сите германски бискупии против непознати насилници поради 3.600 непроцесуирани случаи на сексуално малтретирање во Католичката црква, објави Шпигел.

„Не постои право на црквата да ја ослободи од казнен прогон својата институција”, стои во кривичната пријава која група правници ја поднесоа кај надлежните државни обвинители во сите 27 бискупии.

Тие се повикуваат на неодамна објавена научна студија за германската Католичка црква, во која се покажува дека 3646 малолетници биле малтретирани помеѓу 1946 и 2014 година, а извршители се членови на Католичката црква.

Најголемиот дел од овие случаи никогаш не биле процесуирани.

-Студијата обезбеди доволно материјал за кривично гонење и затоа властите се должни да вршат претрес и да запленат казнено релевантни црковни списи, објаснува еден од подносителите на пријавата.

Кривичната пријава била поддржана и од германската министерка за правда, Катрина Барлеј.