Триесет години по уривањето на Берлинскиот ѕид, еден град во Германија се уште е поделен меѓу Истокот и Западот.
Градот Модларојт има само 15 куќи, но има двајца градоначалници, два телефонски повикувачки броја и два дијалекти, пишува warhistoryonline.com .
Уште од 1810 година, градот се наоѓа на границата меѓу германските држави Баварија и Тирингија, но тоа никогаш не претставувало проблем за локалните жители се до по Втората светска војна.
Со поделбата на Германија меѓу Советскиот Сојуз и САД, Модларојт бил поделен со линијата на разграничување меѓу двете страни. Советите го окупирале источниот дел, додека Американците западната половина на градот.
По поделбата на Германија, во градот е изграден ѕид со стражарски кули, мински полиња и митралески гнезда. Со тоа Модалројт стана познат како „Мал Берлин“.
Денес е останат само мал дел од ѕидот, но градот и натаму е поделен.
Џејсон Џонсон, автор на книгата „Поделеното село: Студенета војна во германската гранична зона“, вели дека градот е „чудесија“ на современа Германија.
Според Џонсон, градот се уште има двајца градоначалници, два поштенски кода и два повикувачи телефонски броја. Ако сакаат да разговараат по фиксен телефон со некого од другата страна на градот, луѓето мора да плаѓаат како за меѓуградски повик. Посотојат дури и разлини училишта за децата од двете страни на градот.
Случајниот турист во Модларојт може да ги забележи и разликите во поздравувањето на локалните жители од двете половини на градот. На баварската страна тие ги поздравуваат гостите со традиционалниот баварски поздрав „Grüss Gott“, а од другата страна го користат германскиот поздрав „Guten Tag“.
Локалните жители еднаш беа прашани дали сакаат да се обединат двата дела на градот, но тие едногласно го одбија тоа.
Инголф Херман, кој работи во локаланиот музеј, вели дека во последно време сепак има показатели на зближување на заедницата. Локалните жители сега одржуваат заеднички собири во општинскиот центар, што се наога од тирингиската страна на границата. Така годинава, наместо двете одвени прослави на 1 Мај, локалните жители одржаа заедничка прослава.
Советите го окупирале целиот град по Втората светска војна, но потоа им го предале баварскиот дел на САД. Ѕидот во градот е изграден во 1952 година, за да се спречи преминување на границата. Во 1961 година, пет години по изградбата на Берлинскиот ѕид, тој е зајакант.
Но, животот во Модларојт не бил како оној во поделениот Берлин. Поголемиот број берлинци во западниот дел на градот не ги познавале оние од источната страна, додека во Модларојт секој познавал секого од двете страни на ѕидот. Еден човек бил дури одвоен од неговиот брат со ѕидот.
Кога беше потпретседател на САД во време на претседателот Роналд Реган, Џорџ Буш Постариот го посети Модларојт. Тој тогаш изјави дека ѕидот во Модларојт е „дури понепријатен“ од познатиот Берлински ѕид.
Уривањето на Берлинскиот ѕид започна на 9 ноември 1989 година. На 5 декември жителите на источната страна побараа од нивниот градоначалник да го урне ѕидот. Два дена подоцна инженери од граничната служба почнаа со уривањето. Од 9 декември локалните жители можеа слободно да преминуваат на двете страни.
Денес од ѕидот е останат само еден мал дел, кој заедно со две стражарски кули претставува музеј под отворено него. Но, границата и натаму останува како во претходните 65 години, држејќи го градот поделен.