Јавниот долг на Германија во 2025 година пораснал за шест проценти и достигнал 2,66 трилиони евра, покажуваат официјалните податоци објавени денеска, јави ДПА.
Зголемувањето го одразува настојувањето на владата за поголеми инвестиции во инфраструктурата, климатските политики и одбраната. Според Сојузниот завод за статистика, вкупниот долг на федералната, покраинските и локалните власти се зголемил за 151 милијарда евра во однос на 2024 година.
Федералната влада должела 1,84 трилиони евра на крајот на 2025 година, при што само во четвртиот квартал биле преземени нови задолжувања од 32,2 милијарди евра. По изборите во февруари 2025 година, конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите иницираа олеснување на строгите правила за задолжување, со цел да се ослободат стотици милијарди евра за поттикнување на ослабената економија.
Договорот предвидува создавање специјален фонд од 500 милијарди евра, базиран на заеми, наменет за инвестиции во инфраструктурата и климатските мерки во следната деценија. Истовремено, беа олеснети ограничувањата за задолжување за да се зголемат трошоците за одбрана, во услови на перципирана закана од Русија. Државата за првпат се задолжи во рамките на овој фонд во октомври минатата година.
Вкупниот долг на 16-те германски покраини достигнал 624,6 милијарди евра во 2025 година, додека локалните власти должеле 196,3 милијарди евра.
Здружението на германски даночни обврзници остро го критикуваше растот на јавниот долг.
„Севкупно, ова е апсурдна ситуација: и покрај рекордните даночни приходи од над 1.000 милијарди евра, јавниот долг може да ја надмине границата од 3.000 милијарди евра веќе следната година“, изјави претседателот на организацијата, Рајнер Холцнагел.
Тој ја повика владата да му стави крај на „перманентното задолжување“ и да усвои „фискална политика со јасен фокус, умереност и рамнотежа“.




