Кремљ објави дека германскиот канцелар Олаф Шолц ќе ја посети Москва на 15 февруари, една недела по Макрон, во контекст на тензиите меѓу Русија и Западот околу Украина.
„Датумот е договорен. Г-дин Шолц ќе ја посети Москва на 15 февруари. Овие ќе бидат важни билатерални разговори“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Ова ќе биде прва посета на Шолц на Русија по преземањето на функцијата во декември. Песков потврди и дека францускиот претседател Емануел Макрон во понеделник ќе ја посети Москва и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Тој потоа во вторник ќе го посети Киев.
Германскиот канцелар ќе го посети Киев на 14 февруари, пред да отпатува за Москва за да разговара со Путин, изјави денеска портпаролот на германската влада Волфганг Бухнер. „Покрај билатералните прашања, акцентот ќе биде ставен на меѓународните прашања, вклучително и безбедносните прашања“, рече тој.
Шолц во понеделник ќе го посети Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден. Германија и Франција се посредници во осумгодишниот конфликт на Украина со проруските сепаратисти поддржани од Москва.