Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до сојузниците во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од бруто домашниот производ (БДП), нарекувајќи ја бројката нереална и непотребна.
„Пет проценти од нашиот БДП би биле еднакви на 42 проценти од федералниот буџет, што е речиси секое второ евро што владата го троши, значи околу 230 милијарди евра“, рече Писториус во интервју за весникот „Тагесшпигел“.
Според него, Германија не би можела да се носи со тоа, а камоли да потроши толку.
Министерот призна дека Германија треба да потроши повеќе од сегашните два отсто од БДП за одбрана во наредните години, пренесува порталот Политико.
„Поважно од одреден процент е да ги исполниме целите на НАТО за капацитетите во договорените временски рамки“, рече тој, укажувајќи на далекусежните одлуки на Алијансата што се очекуваат подоцна оваа година.
Како што пишува Политико, она што ја комплицира ситуацијата е фактот што Германија се уште нема федерален буџетски план за 2025 година.
Коалициската влада пропадна во ноември, по што беа распишани предвремени избори за 23 февруари, а до формирањето на новата влада, големите фискални одлуки, како што се долгорочните трошоци за одбраната, се во мирување.
Германија, која моментално троши 2,12 отсто од својот БДП на одбраната, дури неодамна ја достигна целта на НАТО од 2 отсто, благодарение на специјалниот одбранбен фонд од 100 милијарди евра, кој започна по руската инвазија на Украина, пренесува Танјуг.
Сепак, бидејќи се очекува фондот да биде исцрпен до 2027 година, Берлин се соочува со тешки одлуки како да ги одржи воените трошоци без значително зголемување на федералниот буџет, заклучува Политико.