Германските компании сè уште се претпазливи во однос на вработувањата и го намалуваат бројот на работници, но темпото на отпуштања значително е забавено, се вели во јулскиот извештај објавен денеска од Институтот за економски истражувања Ифо со седиште во Минхен.

Индексот што ја проценува подготвеноста на германските компании за вработување малку се зголеми од јунските 93,7 поени на 94 поени, што укажува на мало намалување на негативните притисоци врз пазарот на трудот.

„Сè уште сме далеку од пресврт на пазарот на трудот“, предупреди директорот за истражување на Ифо, Клаус Волрабе, додавајќи дека компаниите сè уште отпуштаат повеќе работни места отколку што создаваат.

Во индустрискиот сектор на Германија, по остриот пад минатиот месец, барометарот забележа мало подобрување, но вработеноста останува на ниско ниво. Услужниот сектор како целина одржува стабилен број на вработени, иако постојат значителни разлики во него: отпуштањата продолжуваат во угостителската индустрија, додека ИТ индустријата бележи потреба од нов персонал.

Градежниот сектор, и покрај сегашната стагнација, останува еден од ретките извори на побарувачка за работници, според веб-страницата на Ифо.

Спротивно на тоа, трговијата на големо и мало најавуваат понатамошно намалување на бројот на вработени, што дополнително ја одразува претпазливоста на германските компании во однос на среднорочните економски изгледи.