Германскиот конзервативен блок бара помош од левичарските партии во борбата против крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД), изјави денеска водечки пратеник од Унијата Христијанско-демократска/Христијанско-социјална (ЦДУ/ЦСУ).

Јенс Шпан, лидер на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне зонтагцајтунг“ изјави дека формацијата е под сериозна закана од АфД.

– Понекогаш сакам да им порачам на колегите од левоцентристичкиот спектар: секој што сака АфД да остане мала, треба да има интерес да постои силна Унија ЦДУ/ЦСУ, рече Шпан.

Тој додаде дека искуствата од Франција и Холандија покажуваат дека слабеењето на умерените конзервативни партии довело до зајакнување на крајната десница.

АфД на парламентарните избори во февруари заврши на второ место по конзервативниот блок и сега е најголемата опозициска партија, иако е под надзор на германската служба за внатрешно разузнавање поради сомнежи за десноекстремистички тенденции.

ЦДУ управува во коалиција со левицата – Германската социјалдемократска партија. Шпан ги отфрли обвинувањата дека Унијата сака да се откаже од договорот на германските партии да не соработуваат со АфД.