Во гевгелискиот Дом на културата од почетокот на март со работа ќе стартува едукативна секција за традиционални ора и традиционално пеење со која всушност се проширува дејноста на оваа културна институција, потврдија денеска од раководството на Домот.
Вчера стартуваше пријавувањето на заинтересираните за споменатава секција која ќе работи под раководство на етнокореологот Силвестер Проле.
-Во секцијата за традиционални ора и пеење, членовите ќе изучуваат предмети посветени на традиционалните ора и пеењето, традиционални инструменти и мал дел солфеж. Распоредена по групи, наставата ќе се одржува секој ден за да им овозможи на сите гевгеличани поголеми од 7 години преку екцијата да научат нешто повеќе за македонската фолклорна традиција, рече Проле и додаде дека преку него го следиме времето што одамна поминало, но оставило исткаен белег што се пренеува од колено на колено.
Запишувањето за членство во секцијата за традиционални ора и пеење ќе трае до крајот на работната недела односно до последниот февруарски ден.