Во деновите кога граѓаните на Македонија ги живеат најтешките денови во историјата од постоењето на нашата земја дезинформациите за жал, се шират брзо колку и информациите. Јавноста жали, сочувствува, тагува, па по објавата на имињата на починатите кои беа погребани во четвртокот, се зборува и за здравствената состојба на повредените.

Кога се членовите на ДНК и нивниот придружен бенд во прашање првичните информации беа дека само Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска ја преживеале несреќата. За останатите, вокалот Андреј Ѓоргиески, тапанарот Ѓорѓи Ѓоргиев, басистот Александар Коларов, клавијатуристот Филип Стевановски, придружниот вокал Сара Пројковска, битбоксерот Мартин Атанасовски и тонецот на бендот Игор Велков, бргу се ширеа една по една кобните вести дека за жал се починати.

Младиот гитарист на ДНК, Горан Тонев покрај Панчо и Ана е третиот член на бендот кој остана жив.

Од извори блиски на семејството, Вистина.ком.мк дознава дека иако Тонев има тешки повреди, сепак е во стабилна состојба и се наоѓа во една од болниците во Солун, Република Грција.

Пред три дена над него е направена и втората операција, а по последните изјави на лекарите неговата здравствена ситуација се подобрува и според нив има зрак на надеж дека ќе биде уште подобра.