Претседателот на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека Србија е земја во која нема ниту слобода, ниту демократија, во која се уништени моралните вредности, земја од која луѓето бегаат и каде што корупцијата е на највисоко ниво.
– Србија е земја во која половина од владата има лажни дипломи или е вклучена во низа криминални афери, земја во која платите официјално се имаат зголемено за 80 евра од јули 2012 година, истакна Ѓилас во авторскиот текст објавен во неделникот Време.
Тој оцени дека во медиумите на секои два дена се најавува војна со Косово и дека односите со Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија се најлоши во последните 20 години.
– Не се сомневам дека Александар Вучиќ ќе ја вовлече Србија во војна само ако има со кого да војува. Сепак тој е најдобриот ученик на Шешељ, истакна Ѓилас.
Тој наведе дека власта секојдневнио на граѓаните „им го испира мозокот со лаги за секој што мисли поинаку“, но дека на крајот ќе се види „кој со приватен авион оди по вина во Франција и кој прави лудории во Куршевал и кој на Лаго ди Комо ја прославува заработена милијарда“.
Ѓилас вели во текстот дека со двајца други претставници на Демократската партија (ДС) во 2012 година, има предупредено еден висок претставник на американската администрација, дека Србија се лизга во диктатура и дека тие предупредувања шест и пол години подоцна се оствариле.
Според Ѓилас, тој тогаш побарал помош од ЕУ и САД, бидејќи „луѓето во Србија почнуваат да молчат, а земја во која интелигенција молчи нема никаква иднина“, но, како што вели Ѓилас, добил одговор дека „немаат механизам за да им помогнат и да влијаат врз медиумите кои објавуваат такви работи“.
Тој во авторскиот текст говори и за нападите врз неговото семејство и за навредите на кои биле изложени неовите деца.