Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека веројатно најтешките моменти во неговата кариера ги доживеал во периодот од 2008 до 2011 година, односно од освојувањето на првиот Гренд слем до победата на Вимблдон, кога се искачи на врвот на ранг листата.
– По поразот на Ролан Гарос од Јирген Мелцер во пет сетови доживеав некаков вид на ментален пад. Се сеќавам дека одев кај моите родители и разговарав за тоа, плачев и им велев дека не знам дали сево ова воопшто вреди да се прави и дали треба да продолжам. Татко ми се обидуваше да ме охрабри и ми велеше да бидам јак и да продолжам понатаму. Во тој период на тренинзите буквално седев на подот и плачев, а потоа со поддршката од Марјан Вајда и Миљан Амановиќ успеав да го надминам тоа, наведе српскиот тенисер.
По оваа криза Ѓоковиќ направи неверојатна серија, прво со освојувањето на Дејвис купот со Србија, а потоа неверојатните успеси во 2011 година.
Во моментов тој има освоено 14 Гренд слем трофеи и најверојатно до крајот на годината ќе се врати на првото место на АТП листата.