Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас е победник на годинашното издание на престижниот гренслем турнир Вимблдон, откако го прегази Новак Ѓоковиќ во денешното финале во Лондон. Србинот немаше никаква шанса, Алкарас ја заврши работата експресно, за два часа и 29 минути, славејќи со 3-0 во сетови (6-2, 6-2, 7-6).

Шпанецот ја одбрани титулата од лани, а не му дозволи речиси воопшто да се размавне на Ѓоковиќ.

Алкарас тргна фуриозно, во првиот сет двапати го одзеде сервисот на Ѓоковиќ кој беше непрепознатлив и многу бавен на теренот. Идентична беше сликата и во вториот сет кој Алкарас исто така го доби со 6-2 во гемови.

Ѓоковиќ малку се подразбуди во третиот сет, но, сепак, шпанскиот тенисер направи брејк во деветтиот гем. Потоа во гемот кога требаше да го комплетира мечот со 6-4 во гемови, на свој сервис имаше предност од 40-0 во поени, но на крајот го загуби, а Србинот го искористи тоа за да се избори за тај-брејк.

Сепак, Алкарас беше повторно подобар во 13. гем, успеа да го добие со 7-4 на поени и ја слави одбраната на титулата на Вимблдон.