Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави денеска дека во Македонија веќе нема црвени линии.
„Не ги зачувавте македонските црвени линии, бидејќи во Македонија веќе нема црвени линии за ништо. Буквално патос избришавте со нив”, му рече Ѓорчев во реплика на Хари Локвенец од СДСМ на Комисијата за уставни прашања, на која се дебатира за четвртиот нацрт амандман на Уставот. Ѓорче тоа го изјави на забелешката на Локвенец дека е вистинско решение предлогот на новата пратеничка група од опозицијата за зачувување на македонскиот идентитет преку негово спомнување во амандманот.
Ѓорчев, меѓу другото, рече дека договорот со Грција е асиметричен, бидејќи Грција не го менува Уставот. Посочи дека е свесен оти било неопходно да се постигне консензус, но, како што рече, не вака лесно, бидејќи во иднина ќе добиваме нови и нови уцени.
Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ја почна расправата за четвртиот и последен нацрт-амандман, односно за амандманот 36 со кој се предлага да се замени членот 49 од Уставот, што произлегува од потребата за имплементација на Договорот од Препа меѓу Македонија и Грција.