Вчера имавме можност вам, на македонската јавност да ви ги соопштиме податоците за најлошата демографска година во историјата на Македонија, со најмал наталитет откако има статистика и бројки во Македонија, изјави денеска пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.
– Ви соопштивме податок, дека падот на родените бебиња во минатата 2018-та година, со оваа влада на Зоран Заев, во однос на 2016-та година – последната година од владата на ВМРО-ДПМНЕ е фрапантни 7.3 проценти. Значи ова е само вовед, а бројките кои што ќе ги кажам се уште полоши, уште позагрижувачки и уште поразителни. Значи она што уште еднаш ќе речам пред малку и вчера го кажавме, тоа е дека 2018-та година беше убедливо најлоша демографска година, најлоша година за наталитетот и родените бебиња во историјата на Македонија, рече Ѓорчев.
Е сега, додаде тој, по 2018-та доаѓа 2019-та година и ова е најважниот дел од оваа прес конференција.
– Во првиот квартал од оваа 2019-та година имаме шокантен и катастрофален невиден до сега пад на родени бебиња во Македонија, од шокантни 13 проценти. Имаме рецесија на наталитетот од 13 проценти во првиот квартал споредено со историски најлошата 2018-та година. Значи внимавајте за која катастрофа, за кое иселување, за кој егзодус од Македонија станува збор поради политиките на Зоран Заев и неговите 28 министри. Значи 2018-та година имаме најлошата демографска година во историјата на Македонија, 70 години наназад, а на таа најлоша демографска година во првиот квартал на 2019-та година имаме пад од фрапантни, невидени, шокантни 13 проценти. Тоа е поразително. Тоа е буквално поразително. Уште еднаш тоа значи дека Македонија умира и Македонија се иселува. Сите. Од сите националности и региони. Си заминуваат луѓето од Скопје, си заминуваат луѓето од Полог, си заминуваат луѓето од источна Македонија, од Пелагонија, Битолско, Прилепско, Охридско, си заминуваат луѓето од Кумановско и Липковско, си заминуваат сите, а најмногу си заминуваат младите, рече Ѓорчев.