Во Македонија се појавија информации дека Макрон е клучен играч, но не е така, се зависи од бугарските фактори каде ставот е јасен недвосмислен, и нема простор за натамошно очекување дека тоа прашање во блиска иднина може да се разреши, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа, професорот по историја на Филозофски факултет, Ванчо Ѓорѓиев.
– Доволно е само да потсетиме дека уште пред 3 години ја имаме рамковната позиција во бугарскиот Парламент, па го имаме оној објаснувачки меморандум кој беше испратен до Брисел каде таксативно се наведени бугарските барања и на крај коалициониот договор во бугарската влада. И оттука нема никој да отстапи, затоа што ако се случи тоа во Бугарија нема да има влада која ќе се распадне, истакна Ѓорѓиев.
Тој додаде дека прашањето ќе остане такво, бидејќи никој во Бугарија нема да отстапи од позициите, дури тие се заоструваат, гледаме од пред ден два бугарскиот претседател споменува и референдум за некакво изјаснување на бугарската јавност која е сериозно наелектризирана по ова прашање.
– Бугарија е членка на ЕУ и таа ништо не губи, а користејќи ја алатката вето секогаш ќе се однесува како што се однесува и нема да отстапат. Но тоа не значи дека ние по секоја цена треба да прифатиме секакви идеи. На Македонија и е потребен влезот во ЕУ, но има достоинство и принципи преку кои не смее да се помине. Другите ќе ве почитуваат толку колку самите ќе се почитувате, потенцираше Ѓорѓиев.
Професорот истакна дека она што се бара од Бугарија е премногу и дека целта е демакедонизација на Македонија.
– Бугарија спроведува кон нас една специјална операција која што главна цел демакедонизација на Македонија, а алатката преку која ја спроведува е ветото. Постои и скриена опасност, тоа е играње на рати. Тоа значи дека за секој самит на ЕУ кај нас да има спуштање на жицата, нагласи Ѓорѓиев.
Тој посочи дека иако сега е ставен фокусот на правата на Бугарите во Македонија, сите други барања стојат и не се повлечени, туку тоа е само барање повеќе.