Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања паузира во активностите и ќе нема средби до завршувањето на изборите кај нас, но контактите не се целосно прекинати, соопшти историчарот Драги Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим.
На последниот состанок на 28 и 29 ноември 2019 во Софија тимовите на двете земји решија неколку месеци да не се состануваат додека трае предизборниот период, откако во октомври беа најавени предвремените парламентарни избори за април 2020.
-Работата на комисијата не е целосно прекината. Во меѓувреме ние, секако, имаме контакти. Сè уште ги усогласуваме записниците од последната средба, ги преведуваме на македонски и на бугарски јазик, рече Ѓоргиев.
Покрај учебниците за седмо и осмо одделение, на последните три средби тема беше и заедничкото чествување на Гоце Делчев, што ги отвори и различните позиции на двете страни кои, се чини, се непомирливи. Во однос на изнаоѓањето решение, Ѓоргиев одговори дека е умерен оптимист, нагласувајќи дека работата на комисијата не би сакал да ја врзува со политиките на двете држави.
-Тоа е чисто академска комисија на која ѝ треба простор и време за да работи и јас сум умерен оптимист во однос на изнаоѓањето решение. Се имаме помрднато во некои погледи за Гоце Делчев, за учебниците полесно одат работите, меѓутоа потребно е време и оставање на самата комисија да решава некои работи без политички притисок, изјави Ѓоргиев.
Во однос на периодот по 1941 и дали постои Македонија, рече дека за тие периоди е доста пишувано во историографиите на двете земји и тука не станува збор, како што рече, дали постои или не постои Македонија.
-Постојат историски факти кои ние, историчарите, сме ги толкувале и понатаму ќе се толкуваат, и од тој аспект нема да се случи радикална промена, да се смени историјата или нешто да се избрише. Фактите не можат да се избришат, рече за медиумите Ѓоргиев кој денеска присуствуваше на годишното собрание на МАНУ.
Прашан за ставот на БАН дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, што беше усвоено и во декларација од бугарскиот парламент, академик Радован Павловски одговори дека станува збор за државен јазик на кој ги напишал своите дела за кои има светски признанија.
-Јас на тој јазик имам светски признанија и преведен сум и на бугарски. Ниедна соседна држава, ни една академија не може ни да ми го даде ни да ми го земе јазикот, рече Павловски, додавајќи дека не може да се одрекува ниту постигнатиот и потпишан договор односно „не може секое едно решение да се оспорува“.
За Гоце Делчев академикот кажа дека е надисториоска и наднационална личност.