Можеме со сигурност да кажеме дека сме признати и прифатени како автокефална црква со еден административен процес којшто треба да се дореши. Ние мораме да ги почитуваме сите добри одлуки и од Белград и од Цариград и да бидеме благодарни за отвореноста, која што се покажува во процесот на решавање на црковното прашање. И мораме да се обидеме да бидеме поединствени и да го гледаме првенствено интересот, кој е на црквата и на народот секако, порача во интервју за МИА деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Ѓоко Ѓорѓевски.

Со Ѓорѓевски разговаравме за интензивните процеси, кои се случија оваа година во насока решавање на црковното прашање, но и за несогласувањата кои се појавија и во јавноста и во црковните кругови за тоа како треба да изгледа овој пат до неговата конечна цел.

Исклучително значење, вели Ѓорѓевски има примањето во канонско единство на нашата црква со Вселенската патријаршија.

– Знаеме дека таа одлука во мај го смени текот на работите и дојде до ова што ние сме денес. Од една страна тоа значеше признавање и препознавање на МПЦ-ОА како жива црква, како канонска црква, признајвајќи ја и прифакајќи го статусот каков што е. И давајќи препорака на другите православни цркви, посебно на СПЦ, вели тој и додава дека сето ова ги охрабрило голем дел од православните цркви.

– Мислам само мал број се немаат изјаснето по прашањето на склучување канонско единство со МПЦ. Што значи дека зборот на вселенскиот патријарх очигледно дека далеку стигнува, нагласи деканот на Богословскиот факултет. 

За начинот на кој всушност се добива автокефалност, Ѓорѓевски вели дека доколку има единствено правило немаше да постојат тие разногласија.

– Каноните постојат и станува збор за интерпетација на каноните. Она што можеме да го кажеме дека последната тешка патека од полувековниот маратон на МПЦ во борбата за автокефалија врвеше по сите канони досега. Значи дел на измирувањето со СПЦ, добивање согласност и благослов, воспоставување на едни односи коишто доликуваат навистина помеѓу две сестрински цркви, којшто даде поттик и другите посебно словенските цркви да ја прифатат МПЦ таква каква што е, нагласи тој, додавајќи дека тоа е еден од проблемите којшто се уште не е дојаснет во православната црква.

Тој потенцира дека треба да се вреднува и патот што треба да се дооди до конечниот томос којшто треба да стигне од Цариград, дали по еден месец, една година, десет години.

– Ние треба да продолжиме да работиме и делуваме така како што досега сме правеле и со една отвореност евангелска кон сите останати сестрински цркви коишто ни подаваат и ни подадоа рака во изминатиот период, вели Ѓорѓевски.

Во врска со името на црката Ѓорѓевски нагласува дека донекаде постои некаква согласност и во црквата и помеѓу народот дека за сопствена, за домашна употреба никогаш не се размислувало дека МПЦ- ОА како целосно име ќе треба некако да се менува.

– Имајќи го предвид ставот на блокот на грчките цркви се укажа ете една отвореност во тој дел да се прифати именувањето во тој меѓународен контекс да биде ОА според седиштето на самата црква. ОА е веќе дел од името на нашата црква и е наследничка на ОА и значи тука не би требало да има проблем. Секако останува со сите оние цркви коишто досега не признале како МПЦ, како што се српската, руската, полската и останатите не гледам причина дека не треба поинаку да се именуваме. Отприлика тоа е ставот. Се надеваме дека тој ќе биде прифатлив и нема да биде проблем и дека тоа е разјаснето досега со Вселенската патријаршија кон конечното решавање на ова прашање, нагласува Ѓорѓевски.

Во однос на тоа дали имаме развиена црковна дипломатија и улогата на Богословскиот факултет во продуцирање на квалификувани кадри во таа насока, Ѓорѓевски појаснува дека на Факултетот нема посебен предмет, но оти делови од црковната дипломатија се изучуваат во други предмети. Додава дека сите прашања од меѓуцрковните односи, односите со другите држави се во доменот на Светиот архиерејски синод, раководен од поглаварот.

Со деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Ѓоко Ѓорѓевски разговаравме и за значењето на Охридската архиепископија, за дискусиите кои за неа се водеа во македонско-бугарската Комисија за историски прашања, но и функционирањето на Факултетот, кој опстојува веќе 45 години, како и за престојниот патронен празник, 8 декември, денот на Свети Климент. 

Во продолжение следува целото интервју со Ѓорѓевски со видео материјал:

Ќе поразговараме малку во пресрет на вашиот патронет празник, 8 декември. Славите 45 години од функционирањето на Факултетот. Декан сте на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, чиј што Указ за прогласување на уредбата за основање на овој факултет беше објавен токму на 8 декември 1977 година. Како што веќе кажав, 45 години веќе функционирате како највисока црковно просветна установа во земјава. Како функционира Факултетот денес? 

– Денес Факултетот делува како придружна членка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, со 15 професори, асистенти и околу 80 редовни и вонредни студенти во сите години. Сместен е во една скромна зграда покрај црквата „Свети Јован “ во Капиштец. Така што, однадвор можеби не се забележани големи промени низ овие 45 години, но однатре, Ве уверувам дека Православниот богословски факултет прерасна во една сериозна квалитетна високо образовна богословска институција.  

Факултетот мина низ различни фази, премрежја, 45 години не се малку, за  денес да биде дел, како што веќе кажавте од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Ќе може ли накусо да ни го прикажете историјатот на самиот Факултет, од неговото основање до денес. Како се формиравте, како денес стигнавте да бидете дел од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“? 

– Факултетот е основан 1977 година, значи во еден период непосредно десетина години после прогласувањето на автокефалноста на МПЦ увидено е дека поради потребите на црквата, а заради состојбата на истата таа црква која се наоѓа во изолација дека е потребно да има и своја високообразовна институција кога за прв декан е поставен тогашниот митрополит Повардарски, а потоа и архиепископ г.г. Гаврил, а за професори најдобрите наставници, професори од Македонската православна богословија. Јас имав можност да се запишам на овој Факултет само десетина години по неговото основање. Така што, познатите имиња на професорите Трајан Митревски, Борис Бошковски, Јован Белчовски, Јован Таковски, Петар Јорданов, беше чест да се биде нивен студент и ученик. Но, секако беше потребно еден период на време за оспособување на професори како академски кадри, значи да продолжат со постдипломски студии, да магистрираат, да докторираат. Кај нас се уште не постоеше таква можност. За среќа дел од сегашните наши професори успеаја своите студии после завршување на овој Факултет, да ги продлжат на некои од факултетите на нашиот Универзитет, најчесто на Филозофскиот. Но денешните професори и асистенти во најголем дел своите студии ги имаат завршено во странство. Некои целосно, некои само постдипломските студии, во големите универзитети во Солун, Софија, Санкт Петерсбург, Келн, Берлин, Рим. Се надевам дека ги набројав сите. Така што, до денес имаме запишани вкупно 1500 студенти, со кои може да кажеме само еден мал дел успеале да ги довршат своите студии. 

Во кој смисол да ги довршат, целосното четиригодишно образование? 

– Веројатно очекувањата на дел од кандидатите се поинакви при запишувањето и откако ќе се запишат. Значи се соочуваат со сериозни проблеми, каде што освен богословските проблеми и стручните богословски предмети имаат потреба и неопходно е да се сретнат со изучување на старите јазици, на црковнословенски јазик, на старогрчки јазик. Единствено на нашиот Факултет се изучува и староеврејскиот јазик. Така што, верувам дека можеби преобемноста на материјалот, можеби разликата во очекувањето при запишувањето и отпосле е причина за дел од нив и да ги прекинат своите студии. 

Од која година Факултетот стана дел од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“? 

– Од 2009 година откако, повторно велам, Факултетот веќе застана сериозно на нозе, веќе подновен со сериозни млади кадри. Ние сметаме дека тоа е огромна придобивка, можност за соработка со другите факултети на Универзитетот, но ни ги отвори вратите и за меѓународна соработка, посебно во времето додека состојбата на црквата беше незавидна поради наложената изолација.  

Кој се може да се запише на богословија, и каков е интересот во изминатиов период за запиштување на овој Факултет. Има ли некои критериуми. Што понатаму освен работата во црковните средини. Какви перспективи отвора запишувањето на овој Факултет за оние што ќе се одлучат за него? 

– Најголемиот дел од студентите се оние кои завршиле средно богословско образование, но Факултетот е отворен за сите заинтересирани. Значи без разлика на возраста, полот. Заинтересираноста е различна со текот на годините, можеби најголема била во 90-тите години, кога освен голема заинтересирнаост на студенти имаме и на студентки. Можеби половина од студентите во тоа време се девојки, но тоа е токму затоа што тогаш се следеа тие процеси и промени коишто и се очекуваше дека во основните училишта ќе има веронаука и дека девојките откако ќе го завршат Факултетот ќе бидат ангажирани и во образованието, што за жал, не се случи единствено кај нас. Инаку од студенти сме имале, најчесто најголемиот дел се од Македонија, од соседните земји, сме имале студент дури и од Африка. Најголемиот дел од студентите се од православна вероисповед, што е сосема разбирливо, но сме имале и имаме и од други христијански, од католичка, протестантска вероисповест. Со тоа што секако дека најголемиот дел од студентите по завршувањето ќе биде ангажиран во Црквата како свештени лица, во администрацијата, а скромна е можноста за нивно ангажирање надвор, иако имаме такви примери имаме во министерства, во различни други организации.

Споменавте дека голем број професори коишто во почетокот предавале тука, своите постдипломски студии или докторски студии ги завршувале надвор. Дали сега Факултетот овозможува такво дообразување? 

– Секако од 2015 година за нас е тоа придобивка, успеавме да организираме втор циклус на студии. Во моментов имаме една програма и една специјалистичка програма, наменета за наставниците по етика во религиите во основните училишта и од пред неколку години за првпат беа започнати докторските студии. За нас, тоа е голема придобивка и сметаме дека е голем успех на Факултетот. Можеби тоа што за останатите факултети одамна било реалност, ние сега ги чекориме тие први чекори. 

Значи вие чекорите малку понапред за разлика од нашата црква, сето она што се случува со прашањето во изминатиов период. Факултетот мина низ различни фази, премрежја. Денес е рамо до рамо со останатите факултети во земјава. Велите сега имате и постдипломски и докторски студии, за разлика од МПЦ, која се уште не може да се каже дека е рамо до рамо со останатите православни цркви во светот. Во годината што изминува се отвори еден поинтензивен процес за решавање на прашањето на автокефалноста и во контекс на сето ова што го зборувавме за образување на кадри и сето она што се потенцира во јавноста изминатиот период дека за стабилно да се насочиме на решавање на ова прашање голема улога игра токму Богословскиот факултет, односно кадрите што треба да произлезат од него во насока на оние што ќе се занимават со црковната дипломатија. Колку е таа важна за животот на црквата особено за решавање на едно од најважните црковни прашања, би рекла, во историјата на МПЦ. Колку се обрнува внимание на црковната дипломатија при образувањето на овој Факултет? 

– Можеби поинаку би го поставил прашањето или би го одговорил во смисла дека освен бројните предмети коишто спомнав дека се изучуваат и оние кои се стручни и оние коишто се смета дека се неопходни за наобразба за идните дипломирани теолози да бидат на едно исто ниво со останатите дипломирани на другите факултети на нашиот Универзитет, е тоа дека треба добро да ја познаваат животната, би рекол, дипломатија. Да потребно е знаењето, потребна е науката, но најважно е дека животот треба да биде заснован врз принципите, коишто се изучуваат во таа наука, односно да биде врз вистината, правдата, вистинољубието во секој од нас. Значи во однос со другиот човек, во однос со другите институиции, во однос со другите цркви. И верувајте дека доколку се има таква поставеност, секогаш таквата поставеност ќе заврши со добри резултати. 

Значи тоа се позитивните придобивки што еден студент тука треба да ги добие откако ќе го заврши Факултетот. Меѓутоа може поконкретно да ми кажете дали се води соодветна обука за црковна дипломатија, бидејќи тоа е термин којшто е познат и надвор од границите на нашата земја. Постои ли некој посебен предмет. Како таа се изучува во текот на студиите или е вметната во некои други предмети што се изучуваат на овој Факултет? 

– На Факултетот постојат предмети како што е социјална теологија, мисија на Православната црква, каде што се разгледуваат разни прашања и се даваат насоки како да се однесуваме во едно општество, какво е местото на идниот свештеник и политиката, каков е односот, како треба и да го гради односот со оној кој е различен од него. Значи не само односот со другите православни, со православните цркви, туку и со другите христијански заедници, со другите религии. Значи голем број на прашања коишто треба да му помогнат, а со коишто реално ќе се соочи секако во животот, без разлика дали ќе биде свештеник на парохија, дали ќе биде професор или ќе стигне до највисоките позиции раководни во црквата. 

Ќе може ли да ми одговорите кој ја води црковната дипломатија во нашата Православна црква во моментов. Вие бевте дел во кабинетот на архиепископот, но исто така бевте и амбасадор во Ватикан. Значи многу добро ви е познато значењето на дипломатијата. Кој ги води овие процеси, дали има посебно обучени свештени лица за црковна дипломатија, дали тоа е нешто што е во надлежност на поглаварот на МЦП или тој има свој тим, којшто ги води тие процеси. Како сето тоа се случува? 

– Нели го спомнавте Ватикан. Во Ватикан постои една академија и таму се обучуваат или веќе се избираат како студенти определени лица коишто подоцна ќе послужат како дипломати, папски нунци, значи амбасадори во другите земји, но тоа е затоа што Римокатоличката црква има свој државен апарат. Таа е држава, нели која е признаена, каде што има претставници амбасадори, каде што таа исто така испраќа. Кај нас сите прашања од меѓуцрковните односи, односите со другите држави е во доменот на Светиот архиерејски синод, раководен од поглаварот и чинам дека во изминатиов период тоа е сосема јасно имаше бројни активности, делумно знајани, делумно сигурно незнајни од причина што во тој период изминат на тие 45 години сигурно дека голем број од тие видувања, средби, активности не можеле да бидат објавувани за да не се наштети можеби на другата страна, што не значи дека не постоеле. Во секој случај единствено одговорни се Светиот архиерејски синод и поглаварот и начинот на којшто тие во моментот и во дадените состојби решаваат дека тоа треба да се реализира. Чинам дека надвор, не би било во ред водење самостојни црковни политики, кои не се координирани со Светиот архиерејски синод.  

Какво значење има примањето во канонско единство на нашата црква со Вселенската патријаршија? 

– Исклучително значење. Знаеме дека таа одлука во мај го смени текот на работите и дојде до ова што ние сме денес. Од една страна тоа значеше признавање и препознавање на МПЦ-ОА како жива црква, како канонска црква, признајвајќи ја и прифакајќи го статусот каков што е. И давајќи препорака на другите православни цркви, посебно на СПЦ, како нели мајка црква да ја продолжи таа постапка. Видовме што се случи, понатаму дека, и тоа ги охрабри навистина голем дел од православните цркви. Мислам само мал број се немаат изјаснето по прашањето на склучување канонско единство со МПЦ. Што значи дека зборот на вселенскиот патријарх очигледно дека далеку стигнува. 

Најпрвин истапи Вселенската патријаршија, потоа дојде томосот за афтокефалност од страна на СПЦ. Двата процеси беа поздравени како обид за поместување и дека со сето тоа се оди напред во процесот на афтокефалијата. Но, изгледа дека и во самото наше општество, во црковните кругови, како да нема единство за патот по којшто тоа треба да се реализира. Кој ја доделува автокефалноста, кој е патот за добивање на автокефалноста. Може ли да појасниме дали има едно единствено правило. Како се случува автокефалноста на една православна црква? 

– Да имаше едно единствено правило немаше да постојат разногласија. Каноните постојат и станува збор за интерпетација на каноните. Она што можеме да го кажеме дека последната тешка патека од полувековнииот маратон на МПЦ во борбата за автокефалија врвеше по сите канони досега. Значи дел на измирувањето со СПЦ, добивање согласност и благослов, воспоставување на едни односи коишто доликуваат навистина помеѓу две сестрински цркви, којшто даде поттик и другите посебно словенските цркви да ја прифатат МПЦ таква каква што е, дури и кога станува збор нели за името, без никакви посебни условувања. Треба и тоа да се нагласи дека тоа е еден од проблемите којшто се уште не е дојаснет во православната црква. Познато е дека пред неколку години беше свикан Критскиот собор и каде точката за автокефалност беше тргната од дневниот ред, знаејќи дека нема да се има едногласно решение за начинот и постапката по којшто треба да се дојде, иако на Критскиот собор не учествуваа дел од православните цркви. Како и да е тоа е од голема важност, одлуките се од голема важност, но важно е и тоа дека во овој случај ние можеме со сигурност да кажеме дека сме признати и прифатени како автокефална црква со еден административен процес којшто треба да се дореши. Ние мораме да ги почитуваме сите добри одлуки и од Белград, и од Цариград, и да бидеме благодарни за отвореноста која што се покажува во процесот на разрешување на црковното прашање. И мораме да се обидеме, можеме да бидеме поединствени и да го гледаме првенствено интересот кој е на црквата и на народот секако. 

Процесот е почнат, треба да заврши, значи ние чекориме по тој процес. Кога ние ќе кажеме дека сме автокефални? Кога ќе не признаат сите православни цркви односно ќе ја признаат таа автокефалноста или кога Вселенската патријаршија ќе го донесе конечно тој акт дека по тој изоден пат МПЦ-ОА е автокефална? 

-д Значи ние сме веќе автокефална црква. Ние сме веќе и препознаени како автокефална црква од мноштвото, како што реков, православни цркви. До сега одговор можеби нема дојдено од тие коишто не успеале да заседаваат и да говорат по ова прашање. Значи тој дел тука воопшто не е спорен освен би рекол, административното регулирање и довршување на целиот процес. Мислам дека е неблагодарно да се прават некакви споредби со една независност на една држава, која што оди понатаму кон процесот на целосно прифаќање од сите останати. И Македонија се прогласи како независна држава. Имаше потреба нели и ние се уште чекориме по патот, еве кон прифаќање во ЕУ. Значи тоа е една патека која што треба да се изоди, а што не го поставува под знак прашалник, не ја поставува независноста и самостојноста и статусот на дражавата како самостојна. Мислам тоа се работи коишто треба да се појаснат, што не треба да се каже дека не треба да се вреднува и патот што треба да се дооди до конечниот томос којшто треба да стигне од Цариград,  дали после еден месец, една година, десет години. Ние треба да продолжиме да работиме и делуваме така како што досега сме правеле и со една отвореност евангелска кон сите останати сестрински цркви коишто ни подаваат и ни подадоа рака во изминатиот период.

Дали сметате дека на тој пат името ќе биде проблем, бидејќи сега се отвора и тоа прашање. Некои велат ОА, некои велат МПЦ-ОА, сето тоа го поврзуваат со Преспанскиот договор, зборот македонска. Тука е и прашањето за различното именување на православните цркви, некои според државата, некои според древната црква во државата или одреден град, каде што таа почнала да функционира. Дали сметате дека тука прашањето за името може да претставува некаква препрека? 

– Мислам дека донекаде постои некаква согласност и во црквата, мислам и помеѓу народот дека за сопствена, за домашна употреба, значи и никогаш не се размислувало дека МПЦ-ОА како целосно име дека ќе треба некако да се менува. Имајќи го предвид ставот на блокот на грчките цркви се укажа ете една отвореност во тој дел да се прифати именувањето во тој меѓународен контекс да биде ОА според седиштето на самата црква. ОА е веќе дел од името на нашата црква и е наследничка на ОА и значи тука не би требало да има проблем. Секако останува со сите оние цркви коишто досега не признале како МПЦ, како што се српската, руската, полската и останатите не гледам причина дека не треба поинаку да се именуваме. Отприлика тоа е ставот. Се надеваме дека тој ќе биде прифатлив и нема да биде проблем и дека тоа е разјаснето досега со Вселенсакта патријаршија кон конечното разрешување на ова прашање. 

Богословскиот факултет е всушност возобновител на Светиклиментовиот универзитет кој функционирал пред околу илјада години. Долга е традицијата и историјата на ОА, вкоренета во генот на нашиот народ. Имавме еден проблем, сега се соочуваме со друг проблем. Имено минатата недела на последниот состанок на Македонско-бугарската комисја за историски прашања беше отворено прашањето за ОА. Сето тоа предизвика бура реакции во јавноста, дека не е место црковното прашање да се разговара во историската комисија, иако следниот ден излегоа членовите на македонскиот тим, па и политичари, да демантираат дека во Комисијата воопшто се говори за статусот на МПЦ. Меѓутоа самото споменување на ОА таму предизвика реакција. Кое е вашето мислење, иако тие тврдат дека тие говорат од историски аспект, како е прикажана во учебниците, како ние ја прикажуваме, како ја прикажуваат во бугарските учебници. Колку Комисијата е место за вакви дискусии? 

– Па тешко прашање. Познато е дека ОА ги менувала често своите граници, но знаела да биде голема од Молдавија и Романија, па се до Јужна Италија. Тоа значи дека таа секако дека е дел од животот, од историјата на многу народи. Значи тука е Романија, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Јужна Италија, но е неспоредливо значењето на ОА за нашиот народ и за нашата црква со сите останати. Значи според мене и според моето скромно мислење, ако се има некакви заеднички ставови тоа треба да го прават сите тие останати земји нели заедно. ОА токму заради тоа, сите останати цркви околни коишто биле дел од ОА кога се возобновувале, никој не се повикал на неа. За разлика од МПЦ и почетоците, да се потсетиме на Првиот црковен народен собор 45-та година во Скопје по Втората светска војна и во Резолуцијата се донесува одлука дека треба да се возобнови ОА, таа да се нарекува Светиклиментова ОА. Значи дури ни не се спомнува дека треба да се именува како македонска, архиепскопот да биде архиепископ охридски. Па и денес ако сакате архиепископот прво се нарекува Архиепископ Охридски, па потоа и Македонски. Имајќи го предвид сето тоа, ние говориме да за историја, но знаеме дека и поводот за сите овие дискуисии е нели на Комисијата што ги води, се секако дека имаат свои импликации во денешното политичко наше живеење и би било можеби пожелно доколку е можно да се исклучат, затоа што станува збор за еден процес кој се уште трае, а можно е и со тоа да му се наштети. 

За некои црквата не беше самостојна, за некои проблем е името, за некои проблем е потеклото, генезата. Сето ова се многу предизвици. Како дипломатски да се пристапи кон решавање на овие прашања на патот на целосната автокефалност на црквата, а притоа да не се помеша тука политиката, бидејќи гледаме политиката неминовно се меша или воопшто не е можно да се тргне политиката на страна? Кога говорам за политиката, зборувам и за геоплитиката, значи случувањата во Европа, војната во Украина, Русија војува со Украина, го знаеме статусот и на украинската црква. Значи политиката се прелева и во животот на црквите, во Украина, во останатите православни цркви, тука на Балканот. Значи како диплоамтски да се пристапи, а да се задржи независноста на црквата и одвоеноста на црквата од државата, дали е тоа воопшто можно? 

– Ние мора да признаеме дека истите граѓани што ја сочинуваат државата, се истите верници што ја сочинуваат и црквата. Црквата не може да се изземе од текот на политичките случувања. Впрочем ако сакаме да бидеме искрени и проблемот што го имаше половина век МПЦ не беше црковен, туку пред се беше политички. И токму веројатно ова поместување во последново време на случувањата придонесе овие настани да добијат ваков тек. Значи не верувам дека е можно, а веројатно е единствено само потребно да се заштити политиката од црквата и црквата од политиката. Значи да си ги знаат можностите и да си ги знаат надлежностите. И доколку секој си се држи во својата област, чинам дека нема да има понатамошни проблеми. А бидејќи се работи за нешто што е заеднички интерес на сите граѓани, значи секоја помош и поддршка од страна на државата и од општествените фактори и од медиумите исто така е добредојдена. Ние знаеме дека посебно во овој последен период, медиумите одиграа значајна, ако не и одлучувачка улога во овој процес. 

Улогата на медиумите, значи особено во овој чувствителен период за црквата. И кај медиумите се чувствува некаква поделеност, како и во општеството, едни медиуми фаќаат една страна на патот по којшто МПЦ треба да стане автокефална, обвинуваа други медиуми. Значи влијанијата некако се случија и во медиумите. Колку е важна тука улогата на медиумите во борба против лажни вести, против различни страни, правилно информирање за црковното прашање? 

– Првото секако што сакам да го истакнам е дека во овој период, изминативе месеци мојата проценка е дека медиумите беа конструктивни, поголемиот дел од нив, сите имаа разбирања за времето кога црквата даваше објаснување, но и црквата кога побара да се причека и дека во тој момент можеби нема потребно објаснување затоа што не дојдено времето тоа да се објасни. Поделеноста на медиумите не можеме ние да ја спречиме никако веќе со тоа што секој од нас со текот на времето исто како луѓето научуваме кому можеме да му веруваме, а кому можеме да не му веруваме. Така што, во овој случај чинам дека е добро да биде засилена можеби и комуникацијата со Светиот архиерејски синод, да се дадат вистинските насоки или насоките во коишто се движат работите.  

Кажавте некои процеси не можеле да бидат толку истакнати во медиумите? 

– Во дадениот период, но отпосле ни стана јасно на сите. Понекогаш е време кога нешто може да се каже, некогаш можеби додека не се заврши целиот процес можеби е добро да се премолчи. Врз основа на искуството досега немаме причина да се сомневаме дека насоката во која што се движат работите не е позитивна. Уште еднаш ќе појаснам, автокефалноста веќе е реалност, админстиративното регулирање веројатно ќе биде привршено. Таа е веќе дел од православното семејство, и од таа причина чинам дека е една значајна придобивка и црковно гледано, веќе црвката го нема, не постои тој канонски проблем.  

Следната недела прославувате 45 годишнина, вашиот патронет празник Свети Климент. Какви активности се планирани? 

– Богословскиот факултет неколку години наназад започна да го одбележува патронот на еден можеби скромен, но значаен начин организирајќи годишна Светиклиментова конференција. Така и оваа година на 6 декември ќе се случи чинам петата по ред Светиклиментова конференција, но затоа пак свеченото одбележување, за свеченото одбележување бевме удостоени и ќе се приклучиме кон државното одбележување на Денот на Свети Климент, на Свечената академија, на 7 декември. 

Во понеделникот почна божиќниот пост, некоја порака до гледачите и читателите на МИА, за божиќниот пост и воопшто за претстојните празници? 

– Се наоѓаме на почетокот од Божикниот пост. Имаме пред нас 40 дена да се подготивме за еден од најголемите христијански празници со коишто се одбележува Христовото рождество. Тоа ни дава можност, сите овие денови, духовно да се подготвиме за раѓањето на Христос во нашите души. Да оставиме простор за доброто, вистината, љубовта, почитта кон сите луѓе.

Ана Цветковска

фото: Фросина Насковиќ

видео и монтажа: Срѓан Крстиќ