„Годинава имаме и 120 години од Илинденското востание, имаме 130 години од создавањето на македонската револуционерна организација, 120 години од загинувањето на Гоце Делчев, 120 години од објавувањето на „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Овде станува збор за година на многу чествувања, година која е исполнета со македонска борба, со македонски пројави за македонска држава “,изјави професорот Ванчо Ѓорѓиев на денешната трибина насловена „Гоце е Македонија“ во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.
Тој додаде дека денес, денешниот ден е прогласен за ден со висок безбедносен ризик а пак над главите на жителите на главниот град летале хеликоптери, како да е ситуација во воена состојба.
„Гоце Делчев е симбол на една епоха, на една борба на македонскиот народ, борба за слободна македонска држава или во најмала мера, како што тие планирале да влезе како рамноправен и државотворен член на една поширока балканска конфедерација или федерација“, рече Ѓорѓиев.
Тој посочи дека организација на која припаѓал Гоце Делчев е организација која размислувала за интеграција и спојување на народите.
„Оваа организација кон која припаѓал Гоце Делчев и многу современици всушност е организација која е далеку далеку пред сите на Балканот која размислувала за интеграција, спојување на народите, државите и за развој на економијата за просперитет и отворени граници. Додека пак другите се залагаа за проширување на своите територии за грабување на туѓи народи“, вели Ѓорѓиев.