Орце ЃОРЃИЕВСКИ
За Скопје што се грижи – 2500 денари ќе добијат пензионерите од Скопје со ниски примања, финансиска поддршка за лицата со попреченост и уште многу други социјални мерки
-Скопје ни е дом на сите нас.
– На младите кои сонуваат и планираат, на семејствата кои градат иднина, на старите кои нè воспитале и на сите кои, и покрај секојдневните предизвици, заслужуваат достоинствен живот.
– Затоа, мојата визија за Скопје е едноставна, но длабока: ова е град што им припаѓа на сите, без разлика на возраст, здравствена состојба, социјален статус или материјална положба.
Скопје не смее да биде град на нееднаквости.
Сакам Скопје да биде град кој се грижи за сите.
Град кој ги гледа, слуша и поддржува своите граѓани.
Град што не заборава дека човечноста е темелот на секоја вистинска модернизација.
– Нашите највозрасни сограѓани не бараат многу. Ним им треба внимание, достоинство и сигурност. Затоа, предвидуваме сеопфатен пакет мерки за подобрување на квалитетот на животот во третата доба.
Позитивните практики од мерките во Кисела Вода како што се ,,Итно копче”, ,,Транспорт на стари лица” како и ,,Нега за возрасни лица во нивниот дом”, ќе бидат применети на ниво на цел град.
– Воведуваме субвенционирано бањско лекување, континуирана здравствена грижа и рехабилитација, подобрени услови за домување и можности за активен општествен живот. Целта е да обезбедиме пристојна, здрава и достоинствена старост.
– Со проектот „2500 денари за пензионерите со најниски примања“, ќе обезбедиме финансиска поддршка за оние кои живеат со најмалку средства.
Оваа мерка, која веќе ја воведов во Општина Кисела Вода, ја прошируваме на ниво на целиот град, како јасна порака дека Скопје не ги заборава своите највозрасни граѓани.
– Ќе спроведеме и целосно реновирање на сите пензионерски клубови во градот.
Тие ќе станат безбедни, достапни и пријатни простори за дружење, едукација и активна старост. Паралелно со тоа, ја прошируваме и иницијативата „Skopje City Go“, паметна картичка што ќе им овозможи на пензионерите со ниски примања да користат услуги на градските јавни претпријатија и установи бесплатно или со значителни попусти.
Овде говорам за музеи, библиотеки, кина, ЗОО, жичница и слично.
– Грижата за постарите граѓани е само еден дел од нашата поширока визија за град кој никого не остава зад себе.
Кога велам дека Скопје треба да биде град што се грижи за сите, тоа значи за секое дете, за секоја мајка, за секој човек кој се соочува со животен предизвик, за секое лице со попреченост кое секојдневно се бори за еднаква шанса.
-Инклузијата не е само збор.
Таа е вредност и обврска: морална, човечка и општествена.
Затоа ќе градиме инфраструктура на еднаквоста.
– Преку детално мапирање на социјалните проблеми и анализа на капацитетите и целите, ќе изградиме град каде лицата со попреченост, нивните семејства и старите лица добиваат ефикасна, достапна и интегрирана поддршка.
– Во согласност со Стратегијата на Европската комисија за правата на лицата со попреченост 2021-2030, ние ќе иницираме системска поддршка на здруженијата кои работат со и за лица со попреченост, преку финансиска, институционална и програмска соработка.
-Паралелно, ќе развиеме 10-годишна стратегија за инклузија, која ќе ги интегрира младинските политики како алатка за активно учество на младите со и без попреченост во процесот на креирање и имплементација на инклузивни решенија, согласно европски стандарди.
– Лицата со попреченост ќе добијат целосна пристапност до институциите :рампи, лифтови, тактилни патеки, визуелна и звучна сигнализација.
– Во Градот Скопје ќе воведеме офицер за асистенција кој ќе им помага при административни постапки, а дигиталната достапност ќе ја обезбедиме преку Градскиот портал, каде секоја објава ќе содржи видео со толкувач на знаковен јазик.
-Исто така, ќе обезбедиме финансиска и стручна помош за семејствата кои се грижат за лица со попреченост и ќе развиваме програми за нивно вклучување во пазарот на труд и општествената интеграција.
– Истовремено, ќе се грижиме за социјално загрозените семејства и поединци преку директна финансиска поддршка, обезбедување на хуманитарни пакети, развој на програми за психосоцијална поддршка и советувалишта, како и вклучување во образовни и преквалификациски програми со цел поголема економска независност.
– За оние кои немаат дом, ќе обезбедиме помош и ресоцијализација преку отворање и зајакнување на прифатни центри со 24-часовна грижа, обезбедување на основни животни услови – храна, облека и медицинска помош, како и развој на програми за интеграција во заедницата.
– Особено внимание ќе посветиме и на лицата со дијабет и ретки болести, преку отворање на специјализиран едукативен центар кој ќе организира обуки, работилници и советувалишта за правилна исхрана, здрави животни навики и управување со хронични состојби.
Во истиот центар ќе обезбедиме психосоцијална поддршка за семејствата, ќе воспоставиме вмрежување со здравствени институции, здруженија на пациенти и меѓународни организации, како и креирање на дигитална платформа со информации, упатства и видео-едукации за сите заинтересирани граѓани.
– Драги сограѓани,
Грижата за луѓето не е популизам. Таа е суштината на јавната служба.
-Кога се грижиме за старите, кога ги поддржуваме ранливите, кога создадеме услови секој да живее со достоинство, тогаш градиме Скопје што не е поделено по класи или можности, туку обединето околу човечноста.
– Тоа е Скопје што го гледам пред себе.
Скопје кое се грижи.
Скопје кое слуша.
Скопје кое не остава никого зад себе.
Град на сите, за сите.