Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вчера истакна дека од денеска започнува со теренски посети и средби со граѓаните од чии предлози ќе се формира и програмата со кој тој ќе настапи на локалните избори.
Ѓорѓиевски стартуваше од Бутел каде како што вели, заедно со градоначалникот Дарко Костовски, оствариле искрен и продуктивен разговор со просветните работници – наставниот кадар од сите 8 основни училишта во Општина Бутел.
-Разговаравме отворено за секојдневните предизвици со кои се соочуваат наставниците. Посебно внимание посветивме на нивните предлози за унапредување на образованието на локално ниво – практични, искрени и добронамерни идеи кои ќе бидат основа за нашето делување. Наставниците не се само преносители на знаење, туку се носители на иднината. Наша должност е да ги слушаме, почитуваме и поддржуваме.
Заедно можеме да направиме повеќе – затоа што секој час во училница е инвестиција во утрешниот ден, вели Ѓорѓиевски.
Му се заблагодари на колегата Костовски за пречекот и му честиташе за досега стореното за граѓаните во Општина Бутел.
-Наследи девастирана општина која сега, речиси четири години подоцна е променета до непрепознатливот, секако на подобро. На најдобро. И убеден дека на претстојните локални избори Дарко ќе ја добие поддршката уште во првиот круг. Убеден сум во неговата силна желба да направи за своето место на живеење, убедени се и граѓаните. А ние заедно, со поддршка од градот Скопје ќе направиме дела по кои ќе нѐ паметат. За Бутел и сите скопски општини – најдоброто допрва доаѓа!, вели Ѓорѓиевски.