„Мене добро ме познавате како четиригодишен градоначалник на општина Кисела Вода и знаете колку цврсто и колку силно се борев за моите сограѓани, дали станува збор за хигиената, дали станува збор за парковите, дали станува збор против бетонизацијата или за реализација на било кој проект, ја начекав општината во слична состојба каква што е и градот денес, руинирана од секој аспект. Благодарение на претседателот на Владата и поддршката негова, успеавме за четири години да изградиме општина којашто е една од најуспешните општини во државата, истото ви го ветувам и за градот Скопје. Со силна поддршка од Владата ќе успееме за четири години целосно да го обновиме овој руиниран систем во којшто живееме денес“, рече Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје на денешниот народен митинг, кој се одржа во општина Карпош, во рамки на изборната кампања чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Ѓорѓиевски исто така пред граѓаните вети дека шест месеци од назначувањето како градоначалник на град Скопје ќе се реши мостот на Љубљанска и конечно ќе биде ставен во функција, како и решавањето на клучката Момин Поток која исто така ќе биде довршена.
„Кога ја работевме програмата заедно со вас, она што најмногу го приметив кај нив беше, тоа дека се изморени со години некој да ги лаже и да им ветува напразно, тоа напразно ветување е поврзано и со мостот на Љубљанска којшто сакам да ветам денеска пред сите дека за шест месеци откако ќе станам градоначалник на градот Скопје конечно ќе биде ставен во функција и ќе биде конечно растеретено тоа сообраќајно тесно грло. Сакам да ја споменам и клучката кај Момин Поток, и таму ќе имаме сериозен акцент и за многу скоро и клучката кај Момин Поток ќе биде довршена. Кога сме кај проектите за Карпош, сакам да го истакнам мега паркот кај Лепенец, тоа беше барање од сите граѓани, така да во првите шест месеци ќе започнеме со изградба на овој мега парк каде што сите карпошани ќе можат да се рекреираат со своите семејства. Во наредните четири години постоечките паркинзи ќе бидат целосно реорганизирани, ќе се воведе зонско паркирање но и ќе поставиме нови монтажни гаражи за да се среди хаосот со паркирањето“, истакна Ѓорѓиевски.