Оливер Спасовски може да го злоупотребува МВР и медиумите и да лаже дека Скопје е побезбеден од Стокхолм и дека тоа е благодарение на него, но реалноста за жал е сосема поинаква. Во Скопје владее безредие, а на удар се банки, бензински станици, локали и буквално секој што поседува пари или било каков имот, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.
-Криминалот царува, особено пред избори кога партиите од власта не бираат средства за да ги наполнат нивните каси. Криминалците оперираат, Спасовски не презема ништо и затоа отворено се сомневаме дека постои отворена спрега меѓу нив, вели Ѓорѓиевски.
Според опозицската партија, хаосот и незаконието стануваат редовна појава на улиците на Скопје.
-Вчера апелиравме дека власта нема контрола и дека криминалот царува, не поминаа ни 24 часа, а сведоци сме на фрлени бомби во угостителски објект и вооружен грабеж како од филмска сцена. Синоќа во 1 часот и 35 минути по полноќ на угостителски објект во близина на Бит пазар е испукан проектил од рачен фрлач, при што е оштетен објектот каде што е фрлен проектилот, но оштетени се и соседните објекти. МВР случајот уште го нема расчистено.
Се молчи и за опожарено возило на сопственик на неколку казина. Во третиот случај со закана со автоматски пушки ограбена е експозитура на Халк банка во Визбегово на Качанички пат. Разбојниците украле непозната сума на пари. Како на филм ги легнувале на земја вработените и им се заканувале дека ќе ги убијат. МВР и во овој случај не реагира. Сторителите се непознати, а штета е направена, потенцира Ѓорѓиевски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта предводена од Зоран Заев и Оливер Спасовски не можат да воспостават ред.
-Граѓаните заслужуваат да живеат во стабилна држава. СДСМ мора да си замине. СДСМ не е во состојба да го осигура јавниот ред и мир. Порастот на криминалот е уште една причина за предвремени парламетарни избори заедно со претседателските, потенцира Орце Ѓорѓиевски.