Скопската Општина Кисела Вода информира дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера остварил средба со претставниците на „Лидл“, кои биле заинтересирани за достапни локации каде би можеле да се отворат маркети и регионален дистрибутивен центар.
Во објавата на Фејсбук, тој посочува дека инвестицијата би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број луѓе.
– Вреди да се спомене и фактот дека вработените би имале плати што се околу или над просечните во Македонија – пишува Ѓорѓиевски.
ЛИДЛ е заинтересиран да инвестира во Кисела Вода!
Денес имавме прилично конструктивна средба со претставниците на ,,Лидл” од претставништвата во Бугарија и Македонија, кои пројавија интерес за инвестирање во општина Кисела Вода.
Подискутиравме околу достапните локации на кои би можеле да се отворат маркети, но и регионален дистрибутивен центар на германскиот гигант кој е присутен секаде во нашето соседство, освен во Македонија.
На овој работен состанок им ги презентиравме погодностите кои општина Кисела Вода ги нуди, како средина која има добра местоположба и развој кој одговара на потребите на оваа компанија.
Задоволен сум што потенцијалните инвеститори ја препознале новата енергија со која функционира оваа локална самоуправа и ги согледале актуелните перспективи, инвестициските можности и новите проекти кои ги спроведуваме во различни области со цел унапредување на општината.
Конкретно, инвестицијата би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број лица.
Вреди да го споменам и фактот дека вработените би имале плати кои се околу или над просечните во Македонија.