Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва објави кадровски промени во четирите најголеми јавни претпријатија под ингеренција на Градот. Сите тие добиваат нови вршители на должноста директори.
Во ЈП „Улици и патишта“ за в.д. директор е назначен Борис Настов, кој истата функција ја извршуваше и на почетокот од мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска.
На чело на ЈП „Водовод и канализација“ ќе застане Иван Митровски, досегашен заменик-градоначалник на Општина Кисела Вода, а во ЈСП Скопје функцијата в.д. директор ќе ја преземе Саше Илиевски, долгогодишен вработен во претпријатието со искуство во сите оперативни процеси.
Нов в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ ќе биде Драги, лице со повеќегодишно искуство во комуналниот сектор на Град Скопје, кој – според Ѓорѓиевски – се покажал особено успешно за време на големата акција „72 часа“.
Градоначалникот истакна дека изборот на новите директори е направен врз основа на нивното професионално искуство и докажани резултати, а не по партиска припадност или јавна експонираност.
-Овие луѓе имаат енергија, знаење и искуство да го подигнат нивото на работа во градските претпријатија и да придонесат за поефикасни услуги за граѓаните, порача Ѓорѓиевски.




