Дополнитени часови по локална самоуправа ќе држам од понеделник, после победата на избори, ова е одговорот на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски по обвинувањата дека избегал од дебата со противкандидатот Амар Мециновиќ.
-Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо. Во однос на последните крици на Левица и Амар Мециновиќ по дебаклот што им се случи на дебата на телевизија Канал 5, а во врска со поканата за дебата на телевизија Телма, сакам да ве информирам следново:
– Веќе се одржа дебата меѓу мене и кандидатот за градоначалник од Левица, по која станаа јасни ставовите и јасна е сликата за двајцата кандидати. Евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје, претставуван од мене и ВМРО-ДПМНЕ и демагогија, празна реторика и отсуство на план што се карактеристики на Амар Мециновиќ, вели Ѓорѓиевски.
Нагласува дека на Скопје му требаат решенија, не демагогија.
-Затоа сметам дека вистинскиот тест и одлука ги носат граѓаните на избори, при што нагласувам дека целосно ја почитувам намерата и професионалноста телевизија која испрати покана за дебата, истакнува Ѓорѓиевски.




