Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 проговори и за јавниот градски превоз.

Како што вели, она што ќе го направат од старт е нормализирање на функционалноста на јавниот сообраќаен транспорт.

„Тоа подразбира да нема доцнење, да има редовни автобуси и со поддршка на Владата очекуваме на почеток на наредна година да добиеме 80 автобуси. Но, истовремето тоа нема да биде единствениот мој чекор. Ќе работам на тоа да создадам во ЈСП систем кој што ќе биде функционален“, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека флотата на автобуси ќе се обновува навремено.

„Нема да можеме да купиме нови 200 автобуси, но во тој систем постојано ќе има набавка на годишно ниво“, додаде Ѓорѓиевски.