Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски по повод големиот христијански празник Велигден, им посака на верниците среќни празници, среќа, здравје и љубов во нивните домови. Тој, на покана на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, претпладнево присуствуваше на свечената Велигденска литургија во Соборниот храм во Скопје.

-Ова се празници кога и смислата на нашето постоење се гледа преку овој празник, но и суштината на нашиот живот, моменти кога треба да се обединиме како народ, изјави Ѓорѓиевски по литургијата.

Ѓорѓиевски истакна дека Велигден е празник над празниците, темелот на нашата вера и вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината и на надежта над очајот.

-Ден кога човештвото ја добива најголемата утеха и најсилната порака, дека љубовта Божја е посилна од сè и дека секое страдање има своја смисла, а секоја жртва, своја светлина. Без молитва, без пост и без искрено покајание, човекот тешко може да го пронајде вистинскиот мир во себе. Деновите што изминаа беа време на тишина, преиспитување и духовно очистување, пат што нè води кон обновување на душата. Токму затоа денес, со чисто срце и отворена душа, го славиме Воскресението Христово, носејќи ја во себе радоста што нè обединува и нè прави подобри луѓе, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Ѓорѓиевски порача овој светол празник да ни донесе здравје, љубов и благосостојба, да ни ја зацврсти верата и нека нè поттикне на добрина, разбирање и човечност.

-Да си подадеме рака еден на друг, да простиме, да помогнеме и да продолжиме напред со надеж и вера, наведе Ѓорѓиевски.

Градоначалникот, кој синоќа присуствуваше и на вечерната богослужба во Соборниот храм каде беше објавено Христовото Воскресение, порача дека Велигден потсетник дека Воскресението е темелот врз кој се гради нашата вера, нашата сила и нашата иднина.