Од моите 16 години па до денес, ВМРО-ДПМНЕ е местото каде ги поминав најубавите години од мојот живот. Тука стекнав не само пријатели, туку семејство, објави градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
„Во оваа организација човек расте, се кали, ги поминува сите предизвици и филтри, почнува од самиот почеток и чекор по чекор успева. А кога успесите се чесни и искрени, тие секогаш се препознаваат. Денес, токму затоа, со гордост седам во работното претседателство на највисокиот орган на партијата, чест што не се добива лесно. Да се биде дел од ова претседателство на Конгресот на кој се избира лидер што ја трасира светлата иднина на Македонија во следните четири години е огромна чест“, додаде во објавата.
Ѓорѓиевски истакна дека заедно со претседателот Христијан Мицкоски, со верното членство, со упорност и искрена борба, изодевме долг пат исполнет со предизвици, но и со големи победи. Со многу работа, чесност и посветеност ја донесовме најзначајната победа за ВМРО.
Убеден сум и дека во годините што доаѓаат, повторно предводени од Христијан Мицкоски, Македонија ќе чекори по уште посветла патека, потенцира Ѓорѓиевски.
-Тој е човекот со кого пораснав, кој е еден од моите најблиски пријатели и познавајќи го, знам каква иднина ја чека Македонија. Заедно, создаваме силна и стабилна иднина за генерациите што доаѓаат, со визија што создава, што обединува и што носи надеж. Да живее ВМРО! Да живее Македонија!, наведе во објавата Ѓорѓиевски.




