Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ денеска изјави дека по решавање на спорот помеѓу Атина и Скопје треба да се работи на решавање на преостанатие проблеми во регионот.
– Се чини дека искуството во решавање на проблемот помеѓу Македонија и Грција може да биде многу благотворно во решавање и на други проблеми од сличен карактер, а тоа е помеѓу Белград и Приштина, истакна Ѓукановиќ по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел.
Ѓукановиќ наведе дека тој како одговорен сосед е заинтересиран за позитивно решавање на проблемот помеѓу Белград и Приштина.
– Верувам дека е возможно и го повикувам НАТО да продолжи со својот ангажман во нашиот регион и во соработка со ЕУ да продолжи да придонесува за тоа што ќе се покаже како единствена сигурна формула за стабилноста на Западен Балкан, истакна Ѓукановиќ.
Тој додаде дека е свесен оти постојат „и трети заинтересирани страни за Западен Балкан“.
– Црна Гора е подготвена многу истрајно и многу храбро да го брани своето право суверено да го избира својот пат во иднината и подеднакво така одлучно и храбро да го брани својот избор, истакна Ѓукановиќ.