Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека и покрај бројните политички притисоци, нема да има компромис „со националистите и оние што сакаат да го уништат наследството на оваа генерација, кога станува збор за врската меѓу државата и црквата“, се наведува во соопштениоето од неговиот Кабинет по средбата со ЕУ амбасадорите во таа земја.

Ѓукановиќ беше гостин на работниот ручек со амбасадорите од ЕУ во Црна Гора, во организација на амбасадорот на Хрватска, претседавач со Советот на ЕУ, Веселко Грубишиќ. На средбата, црногорскиот претседател, исто така, истакнал дека владеењето на правото ќе биде клучен приоритет на државната политика.

Тој се заблагодари за интересот и корисните предлози, потенцирајќи дека владеењето на правото како предуслов за економски развој ќе продолжи да биде клучен приоритет на државната политика, како предуслов за соработка со кредибилни партнери“, се вели во соопштението.

.Ѓукановиќ ги запозна амбасадорите за активностите и плановите на Црна Гора во спроведувањето структурни реформи и зајакнување на инвестициската конкурентност.

Тој им потврди на амбасадорите дека европеизацијата е сè уште пат без алтернатива за регионот во кој сè уште се водат тешки битки за европската перспектива.

Понатамошната европеизација е суштински интерес и за регионот и за ЕУ, рече тој, и во тој контекст го поздрави започнувањето преговорите со Северна Македонија и Албанија, што, како што оцени, е поттик за сите.

Ѓукановиќ изрази очекување дека Црна Гора наскоро заслужено и оправдано ќе го отвори Поглавјето 8, што би претставувало признание и потврда дека ЕУ стои зад своите зборови, да продолжи со политиката на отворена врата, иако ниту поинаква одлука „нема да влијае на црногорскиот евро-ентузијазам“.