Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, синоќа изјави дека изразот „српски свет“ е еуфемизам за идејата за голема Србија, што ги загрозува другите земји и идентитетот на другите народи, почнувајќи од Црногорците.
– Верувам дека во овој момент, авторите на тој план би биле задоволни со некоја федерална структура на клучните српски центри во рамките на тој српски простор, но нема сомнение дека нивната крајна цел е да го обединат тој српски простор, а со тоа да ги загрозат другите држави и да го загрозат идентитетот на другите народи. Почнувајќи со Црногорците“, изјави Ѓукановиќ за ТВ Н1.
Тој додаде дека интересот на Србија за пописот во Црна Гора следната година покажува дека „сака да изврши идентитетски инженеринг во регионот“ со цел да создаде „српски свет“.
– Замислете дека се јавувам од Црна Гора и велам дека ме интересираат резултатите од пописот во БиХ, Хрватска, Словенија. Таквата изјава потврдува дека има намера да се меша во внатрешните работи на соседните земји, нагласи црногорскиот претседател.
– Тоа е истата грижа со која (поранешниот српски лидер Слободан) Милошевиќ се обиде да одговори на повикот (на водачот на босанските Срби, Радован) Караџиќ да ги заштити загрозените права на Србите во Босна и знаеме како заврши тоа, рече Ѓукановиќ.
Тој оцени дека Српската православна црква (СПЦ) е предводник на големосрпскиот национализам и руските империјални интереси на Балканот и дека свештениците на СПЦ „продолжуваат да дејствуваат во согласност со интересите за сузбивање на идентитетот на Црна Гора“.