Македонскиот амбасадор Данчо Марковски, во амбасадата во Тирана имаше средба со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво„ Илинден“.
На средбата Ѓурѓај го запознал со активностите на друштвото, што десет години е активен субјект меѓу македонската заедница во Албанија.
– Го запознав амбасадорот со основните задачи на македонското друштво „Илинден“, а тоа се заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците, како и нивната интеграција во политичкиот систем и институциите на власта, изјави Ѓурѓај.
Секако, додава тој, амбасадорот го запознав и со положбата на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања што се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија.
Амбасадорот Марковски, покажал исклучителен интерес за положбата на Македонците во Албанија.
– Отворено разговаравме за можни активности, што би помогнале за надминување на проблемите на Македонците во Албанија на повеќе полиња. Секако, во опсегот на надлежностите, Марковски искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малцинските права на Македонците во Албанија, вели Ѓурѓај.
Ѓурѓај, кој е и главен и одговорен уредник на весникот„Илинден“, единствениот печатен медиум на македонски јазик, што во март го одбележува седмиот роденден, на амбасадорот му врачил неколку примероци од весникот, што освен за настани поврзани со Македонците во Албанија, пренесува и вести за и околу матичната земја,Македонија.
Амбасадорот Марковски деновиве беше во посета на општина Пустец, Мала Преспа, каде имаше средба со преставници на локалната власт и со наставниот кадар од гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“, при што донираше книги за библиотеката на оваа средношколска установа.