Во Тетовско денешниот православен празник Свети Великомаченик Георгиј Победоносец се одбележа со црковно-народни собири во црквите со името на светецот кои се наоѓаат во Мала Речица и Туденце.
Во манастирската црква во Мала Речица, по повод Ѓурѓовден, света литургија одржа митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.
-Карактеристика на празнувањето во манастирската црква Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Мала Речица е тоа што на денот на славата се бираат нови кумови, од 18 до 21 на број кои до наредната година се грижат за храмот. По обновата и осветувањето, минатите години се изгради конакот и летниковецот. За наредната година во план е да се догради летна кујна со скара, патека и катче за деца. При крај е фрескоживописувањето во внатрешноста на црквата, како и дел за палење на свеќи, изјави Миле Стефановски од црковниот одбор.
Во манастирската црква Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Туденце богослужба отслужи отец Жарко Мицковски, а за присутните верници беше подготвен празничен ручек. Свој настап имаа и културно-уметничките друштва „Брвеница“ и „Извор“ од Јегуновце.