Почнува на терен изигрувањето на исплатата на минималната плата, која треба да изнесува 14.500 денари.
На текстилните работнички од Делчево им е кажано дека од 1 јануари ќе укинат топол оброк и патни трошоци. Го повикувам раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) заеднички да почнат да работат на колективниот договор во приватниот сектор, со цел да ги вратат правата на работниците за пат и храна, кои се укинати и се влезени во бруто платата од пред десет години, изјави денеска Кристина Ампева од невладината организација Гласен Текстилец-Штип.
Таа додаде дека со скратувањето на топол оброк и трошоци, работниците ќе треба сами со нивната минимална плата да си ги платат.
– На работничките им е кажано дека од 1 јануари дека ќе ги укинат овие работи. Така да работниците треба со нивната минимална плата да си ги платат. Знаеме дека добар дел од работодавачите исплаќаат само минимална плата, а прекувремената работа и за време на празници ниту се евидентира, ниту се плаќа. Со минималната плата ќе остане тие да си ги покриваат трошоците за храна и пат, кои досега ги имале во фирмите. Тоа значи дека работничките од селата на пример ќе ги плаќаат патот, вели Ампева.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој денеска беше на презентација на проектот на „Гласен Текстилец“-Штип денеска истакна дека тие за ваквите реакции и најави за исплата на минималната плата ќе излезат со извештај и став во февруари следната година.
-Се согласувам со нашата колешка Ампева дека тие работнички права треба да се вратат. Ние веќе почнавме преговори со Организацијата на работодавачи за општиот колективен договор во приватниот сектор. Но тешко ни иде, бидејќи тие права коишто се изгубени, какошто знаеме сите тешко се враќаат. Многу тешко е да преговараш со газди, кои мислат дека се изнад работниците и дека ние работниците сме робови за нив. Затоа апелираме нашата колешка и цел невладин сектор да ни се приклучат и да ја добиеме таа битка, рече Димовски.
Правото на хранарира и на превоз, укажа, работниците го имаат изгубено во 2009 година.
Ампева и Димовски сметаат дека новиот Закон за работни односи ќе се донесе по изборите, а на него веќе се работи околу една година.
Невладината „Гласен Текстилец“ денеска во Штип го презентираше проектот на којшто работи една година, а на кој беа присутни претставници на ССМ, работници и претставници од граѓански организации. Ампева вели дека првпат работат на подигање на свеста за родовата еднаквост, а концептот го промовирале и кај текстилните работници и на младите.