Во пресрет на првата годишнина од руската агресија врз Украина, американски претставници и аналитичари изразуваат загриженост за последиците за земјите од Западен Балкан, за што, американските власти предупредуваат уште од почетокот на таа агресија, имајќи предвид дека регионот е една од најранливите области на која треба да се посвети посебно внимание, јави Гласот на Америка (ВОА)
Како две најголеми причини за загриженост, соговорниците на ВоА ги посочија односите меѓу Белград и Приштина и настаните во Босна и Херцеговина.
– Видовме опасно зголемување на етничките тензии на Западен Балкан, вклучително и многу вознемирувачки закани за отцепување од корумпираните политичари како Милорад Додик. Русија сака да види хаос во регионот, а Москва и нејзините полномошници ги поддржуваат тие закани, рече американската конгресменка Ен Вагнер, која во новиот состав на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом ја извршува функцијата заменик-претседател од редот на републиканците.
Таа во Конгресот претставува изборна единица од државата Мисури во која живеат неколку илјади луѓе со потекло од БиХ, а во претходниот состав предложи закон за санкционирање не само на локални, туку и на странски актери кои ја дестабилизираат БиХ. Претставничкиот дом го усвои законот во септември 2022 година, но за да стане валиден, мора да биде потврден и од Сенатот.
– Администрацијата треба да ги искористи своите овластувања за санкции за да ги одврати криминалците и корумпираните политичари кои го загрозуваат суверенитетот и мултиетничкиот идентитет на Босна, рече Ен Вагнер.
Соработникот на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) во Вашингтон, Метју Дроин оцени дека руската инвазија на Украина дополнително ги влошила постоечките компликации во некои од државите од Западен Балкан.
– Ситуацијата во Босна и Херцеговина е најзагрижувачка, каде што гледаме дека има многу силен политички ќорсокак меѓу различните партии. Тогаш веројатно и Русија поттикнува назадување таму преку односите со српските сепаратисти. Според него, има обновување на тензиите меѓу Србија и Косово, кои не се директно поврзани со Русија, но може да се забележат „важни руски дезинформациски кампањи спроведени меѓу српската јавност, кои исто така поттикнуваат тензии“.
Членот на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом и демократ Дина Титус оцени дека „Русија ги поместува границите на секој чекор“, и „секако со Србија, со Молдавија, со Украина“.
– И затоа сакавме да се погрижиме да поставиме цврста граница таму, за Русија да не може да го прошири своето влијание надвор од областите каде што веќе војуваше со Украина, рече таа.
Според неа, вклученоста на САД е зголемена во изминатата година, не само преку воена и хуманитарна помош за Украина, туку и преку подобрување на односите со Србија.
Скот Калинен, виш советник на непрофитната организација „Заедно за Украина“, кој осум години работеше во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, вели дека Русија се обидува да ги разгори проблемите на Западен Балкан, кои поради поделбите и конфликтите, потешко се спротивставуваат на надворешниот економски и политички притисок.
– Руската влада низ Европа беше многу добра во користењето на етно-национализмот, малите и историски спорови и проблеми поврзани со религијата, јазикот или националноста. Тие не секогаш ги создаваат, туку ги шират и ги искористуваат, рече Калинин.
Од Стејт департментот за Гласот на Америка изјавија дека „руската војна разјасни колку е итна работата да им се помогне на сите земји од Западен Балкан целосно да ги унапредат демократските реформи и да ги постигнат своите аспирации за интеграција во европските и евроатлантските институции“.
Во писмениот одговор на прашањето на ВОА, неименуван портпарол на Стејт департментот рече дека земјите од регионот постигнале напредок, но дека има уште многу незавршени работи.
„Ги охрабруваме сите земји од Западен Балкан да работат на меѓусебно признавање, отстранување на трговските бариери, мирно решавање на нерешените проблеми од 1990-тите, демократски напредок и европска интеграција“, се наведува во одговорите.
Се додава дека слободните и независни медиуми се централни за овие цели, така што САД ќе продолжат тесно да соработуваат со медиумите и групите за застапување.
„Ендемската корупција го ослабува регионот, го забрзува одливот на мозоци и ѝ користи на малигната Русија“, рече портпаролот на американската дипломатија.
Тој додаде дека сите европски земји „вклучувајќи го и Западен Балкан имаат голем удел во исходот на руската војна против Украина, која ги загрозува темелите на воспоставениот меѓународен поредок и безбедност“.
– Затоа е од клучно значење да продолжиме да стоиме заедно против оваа невидена агресија, рече портпаролот.