Кристијан Дорстен кој го води Институтот за вирологија во Берлин е еден од оние кои го идентификуваа САРС вирусот во 2003 година. Како шеф на референтната германска лабораторија на јавното здравство за коронавируси, станува еден од главните владини експерти за актуелната криза. Во интервју за Гардијан признава дека се плаши од вториот бран на епидемијата, објаснува зошто Ангела Меркел е во предност пред другите светски лидери и открива што не му дава сон.
Гардијан: Германија ќе почне со постепено олабавување на карантинот. Што ќе се случи следно?
Дорстен: Во моментов имаме полупразни ургентни оддели по цела Германија. Така е затоа што рано и масовно започнавме со дијагностика и со тоа ја запревме епидемијата, односно ја одржавме репродуктивната бројка (што е клучен мерен параметар за ширењето на вирусот) под 1. Сега доаѓа она што го нарекувам „парадокс на превенцијата.“ Луѓе сметаат дека сме претерале, голем е политичкиот и економски притисок да се вратиме на нормала. Федералниот план е тоа да се прави постепено, но германските федерални држави имаат свои правила и се плашам дека ќе сведочиме на голема креативност во интерпретацијата на тој план. Ме загрижува дека репродуктивниот број може да почне повторно да се качува и дека ќе имаме втор бран.
Ако карантинот се задржи подолго, може ли болеста да ја снема?
Постои група моделари во Германија кои велат дека ако продолжиме уште неколку недели, можеме значително да ја спуштиме циркулацијата на вирусот под 0,2. Склон сум да ги подржам но уште не сум на чисто со тоа. Но, репродуктивниот број е само просек, тој не ви кажува ништо за џебовите со голема заразност како што се старечките домови.
Ако повторно се појави, може ли проблемот да биде капсулиран?
Да, но само со педантно следење на меѓучовечките контакти. Имаме евиденција дека речиси половина од инфекциите се случуваат пред оној кој ја пренел инфекцијата да има симптоми. Тоа ќе биде трка со времето и можеби ќе ни треба електронско следење на контактите.
Колку сме блиску до постигнување на имунитет на стадото?
За да го постигнеме тоа, потребно ни е 60-70% од популацијата да носи анти-тела на вирусот. Резултатите од Е ропа и САД велат дека уште сме на ниски едноцифрени бројки, а и тестовите не се сосема доверливи – сите модели имаат проблеми со лажни позитивни резултати, но и имунитетот на стадото не е целата приказна: тоа претпоставува целосно мешање на популацијата но постојат причини зошто тоа не е остварливо и зошто целата популација не може да биде изложена во единица време. Втора работа е што уште не знаеме дали и колку трае имунолошката заштита.
Дали сите држави треба сите да ги тестираат?
Не сум сигурен. Сметам дека таргетираното тестирање е најдобро, за оние лица кои навистина се ранливи и изложени, во болниците и домовите, н пример. Друг таргет треба да бидат пациенти во првата недела од симптомите, посебно возрасните кои обично доаѓаат предоцна, со веќе помодрени усни, кога им треба итна интубација.
Што се знае за сезонскиот карактер на вирусот?
Не многу. Харвардскиот модел предводен од Марк Липсич сугерираше дека трансмисијата би можела да забави летоска, но дека тоа ќе има мал ефект. Немам подобри податоци од тоа.
Можеме ли да бидеме сигурни дека пандемијата стартуваше во Кина?
Мислам, да. Од друга страна, не претпоставувам дека започнала на пазар во Вухан. Поверојатно е дека започнала онаму каде што биле одгледувани животни.
Дали целата наука која сега се врти околу коронавирусот е квалитетна наука?
Не! На почетокот, некаде во февруари, имаше многу интересни прелиминарни трудови (оние кои треба допрва да бидат рецензирани). Денес треба да поминеш 50 пред да најдеш нешто солидно.
Ангела Меркел бива фалена за нејзиното лидерство за време на кризата. Што неа ја прави добар лидер?
Таа е екстремно добро информирана. Помага то што е научник и што ги владее бројките. Но, главното доаѓа од карактерот. Една од битните карактеристики на добар лидер е да не се користи актуелната ситуација за политички поени. Знаат тие колку контра-продуктивно може да биде тоа.
Што ве буди ноќе?
Во Германија луѓето гледат дека болниците не се полни и не разбираат зошто продавниците мора да бидат затворени. Тие го гледаат само она што се случува околу нив, не гледаат каква е ситуацијата во Њујорк или во Шпанија. Тоа е парадоксот на превенцијата и за многумина Германци, јас сум оној лошиот кој ја осакатува економијата. Добивам и смртни закани но нив ги проследувам до полиција, Повеќе ме загрижуваат поинакви меилови, од луѓе кои велат дека имаат три деца и дека се загрижени за нивната иднина. Не е моја вина, но тоа ноќе ме држи буден.