Сите ученици на возраст од 14 до 16 години кои посетуваат училишта во Стокхолм од понеделник ќе се префрлат на онлајн настава до крајот на годината, што е првпат шведските власти да препорачаат учење на далечина за голем број средношколци.
Властите наведуваат дека е потребно драстично намалување на контактите со цел да се намали бројот на новозаболени лица, поради што се воведува оваа мерка.
Стокхолм е градот кој е најсилно погоден од пандемијата на коронавирус во Шведска, каде се регистрирани повеќе од една третина од смртните случаи во земјата.
Во Шведска денеска беа потврдени 7.370 нови случаи на Ковид-19, а уште 160 пациенти починаа во последните 24 часа, што е меѓу највисоките бројки од почетокот на пандемијата.
Во Шведска, која не воведе строги мерки во борбата против пандемијата, досега починаа 7.514 лица од Ковид-19, а бројот на смртни случаи по глава на жител е неколку пати поголем од другите нордиски земји, но сепак е помал отколку во некои европски земји.