Глечерите во светот се 18 отсто помали од претходните пресметки, објавија научници.
Околу 215.000 глечери во светот содржат 158.000 кубни километри мраз, според истражувањата на научниците на Федералниот универзитет за технологија во Цирих. Тие ја достигнаа таа пониска вредност користејќи подетални сателитски податоци.
Во истражувањата не се земени предвид глечерите што плутаат на вода, гренландскиот леден шелф и Антарктикот.
Според новите мерења, глечерите во Азија се помали за околу една четвртина.
– Глечерите во високопланинска Азија може да исчезнат побрзо отколку што мислевме досега, рече директорот на студијата Даниел Фариноти.
Со тек на времето,може да се намали обемот на реката Инд што тече низ Кина, Индија и Пакистан, кинеската река Тарих и на Аралското Море во Централна Азија. Стотици милиони луѓе зависат од тие водни басени.