На преземањето на која  било супервизорска мерка и на носењето на  која било супервизорска одлука на Народната банка претходи темелен и сеопфатен процес на анализа и оценка. Во процесот секогаш е вклучен тим на високопрофесионални и посветени кадри, кои стојат зад секоја одлука, вклучително и за „Еуростандард банка“.

Ова во интервју за МИА го истакна генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова.

– Секоја супервизорска одлука минува низ неколку нивоа на анализа и одлучување, со цел крајната одлука секогаш да биде во најдобар интерес на депонентите и доверителите на банката, смета Глигорова.

Како што додава основната цел на супервизијата на Народната банка е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.

-Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата, истакна Глигорова, вклучува бројни интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки. Така е постапувано и во случајот на „Еуростандард банка“ и исцрпени беа сите можности за поповолно решение за Банката.

Таа појасни дека Решението од 1 јуни коешто се споделуваше на социјалните мрежи и Решението за укинување на дозволата за работење на „Еуростандард банка“ се две комплетно различни решенија, донесени според различен законски основ.

– Решението од 1 јуни 2020 година е донесено поради фактот што износот на сопствените средства на „Еуростандард банка“ падна под законски утврденото ниво за вршење на одреден вид финансиски активности, како што се тргувањето со хартии од вредност на странски пазари, тргувањето со деривативи и сл., за коишто потребен е дополнителен капитал, над основниот. Повлекувањето на согласноста за извршување на некои од финансиските активности не подразбира дека по автоматизам се укинува дозволата за работење на банка. Впрочем некои банки и воопшто не побарале и немаат согласност за извршување ваков вид финансиски активности, напоменува Глигорова, посочувајќи дека Решението за затворање на „Еуростандард банка“ е донесено на 12 август, заради несолвентност на Банката.

Начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што е потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.

 

Изминатите десетина дена често се споменува супервизијата на банките. Може ли да појасните  што е супервизијата?

Супервизијата е системот на активности преку кои Народната банка ја оценува сигурноста на банките, нивото на ризиците кои тие ги имаат преземено и секако, во тој контекст усогласеноста на работењето на банките со прописите. Основната цел на Народната банка при извршувањето на супервизорската функција е одржувањето сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.

Како се спроведува супервизијата?

Во рамки на процесот на супервизија, активностите се спроведуваат главно преку четири пункта: издавањето дозволи и согласности, постојаното вонтеренско следење, спроведувањето непосредни теренски контроли и изрекувањето супервизорски мерки кон банките. Овие активности се остваруваат согласно со супервизорски процедури и практики, кои се усогласени со најдобрите меѓународни стандарди.

Но супервизијата не се само процедури. Супервизијата се луѓето, супервизорите кои ги применуваат тие процедури и чиј капацитет и стручност се градат низ годините и овозможуваат квалитетно и ефикасно извршување на супервизорската функција. Воспоставениот систем и начинот на спроведување на супервизијата на Народната банка вклучува бројни нивоа на интерни контроли и неколку нивоа на разгледување и анализа на наодите, што е во функција на обезбедување висока професионалност и најважно – носење најсоодветни супервизорски одлуки.

Начинот на вршењето на супервизијата и банкарската регулатива кај нас беа предмет на детална проверка од ММФ и Светската банка, при што беше потврдена високата оценка за ефикасноста на банкарската супервизија и нејзината значајна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.

 

Но, дали супервизијата претставува и управување со банките?

Супервизијата не е управување со банките, тоа е надвор од нејзиниот периметар на активности. Само за илустрација, би посочила дека креирањето кредитни изложености, односно одобрувањето кредити од страна на банките кон одделни лица е деловна одлука на органите на банката. Народната банка не смее и не се инволвира во конкретните деловни одлуки на банките, но секако врши оценка на ризикот кој банките го преземаат преку овие одлуки. Конкретно, она што вообичаено го прави секој супервизорски орган, вклучително и Народната банка, е оценка на нивото на ризикот преземен од банката, но и на поставените контролни механизми за намалување на овој ризик.

Што презема супервизијата ако оцени дека е преземен повисок ризик?

Во таков случај се изрекуваат генерално два типа мерки: мерки насочени кон управувањето со ризиците и мерки за обезбедување соодветно ниво на капитал за покривање на тие ризици. Преземањето на мерките како право, но пред сѐ обврска на Народната банка е дадено во Законот за банките. Лепезата на мерки е широка, почнувајќи од различни препораки за отстранување на утврдени слабости во работењето и подобрување на процесите на управување со ризиците, преку построги супервизорски мерки кои значат ограничување или наметнување построги правила, па и забрана за вршење на одредени активности на банките, како и пропишување повисоки капитални барања. Најстрогата мерка која ја предвидува Законот за банките е укинувањето на дозволата за основање и работење на банка.

При одлучување за мерките што ќе ги преземе, Народната банка се раководи од неколку аспекти, а пред сѐ од процената на влијанието на мерката врз банката или врз нејзините депоненти, сериозноста на наодите за одредена банка и потребата за одржување на сигурноста и стабилноста на банката или на банкарскиот систем во целина. Притоа, особено би сакала да истакнам дека за Народната банка е важно да ги заштити интересите на депонентите кои имаат вложено средства во банките.

Дали преземањето одредена мерка и носењето супервизорска одлука е резултат само на оценка на гувернерот?

Ниту една супервизорска одлука не се носи преку ноќ и не е резултат на оценката само на еден човек. На преземањето на која било супервизорска мерка и на носењето на која било супервизорска одлука на Народната банка претходи темелен и сеопфатен процес на анализа и оценка. Во процесот секогаш е вклучен цел тим  високопрофесионални и посветени кадри, кои стојат зад секоја одлука, вложувајќи ги своите интегритет, искуство и знаење. Секоја супервизорска одлука минува низ неколку нивоа на анализа и одлучување, со цел крајната одлука секогаш да биде во најдобар интерес на депонентите и доверителите на банката.

Дали и секоја одлука и одлуката за „Еуростандард банка“ е резултат на вака темелен и сеопфатен процес?

Народната банка при вршењето на супервизорската функција применува конзистентен пристап кој е подеднаков кон сите банки и подразбира спроведување активности пропишани во интерните акти, методологиите и правилата на Народната банка. Оттука, и секоја одлука за „Еуростандард банка“ е донесена преку ваков темелен и сеопфатен процес.

Во однос на „Еуростандард банка“, по социјалните мрежи се споделуваше едно Решение од 1 јуни 2020 година, а Решението за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ е донесено на 12 август 2020 година. НБ соопшти дека станува збор за две различни решенија. За што станува збор?

Се работи за комплетно различни решенија кои се донесени по различен законски основ. Решението од 1 јуни 2020 година е донесено поради фактот што износот на сопствените средства на „Еуростандард банка“ падна под законски утврденото ниво за вршење на одреден вид финансиски активности, како што се тргувањето со хартии од вредност на странски пазари, тргувањето со деривативи и сл., за коишто потребен е дополнителен капитал, над основниот. Повлекувањето на согласноста за извршување на некои од финансиските активности не подразбира дека по автоматизам се укинува дозволата за  работење на банка. Впрочем некои банки и воопшто не побарале и немаат согласност за извршување ваков вид финансиски активности.

Решението донесено на 12 август 2020 година е за укинување на дозволата за основање и работење на банка поради тоа што Банката беше несолвентна, со што беа исполнети условите за воведување стечај.

Се употребува формулацијата „исцрпени се сите можности“ во однос на изнаоѓање поинакво решение за „Еуростандард банка“. Што подразбира тоа?

Кога се исполнети законските услови за преземање на најстрогата мерка кон една банка, можни се условно кажано две опции: или преземање на мерката или брза итна уплата на капитал во банката. Со оглед дека оваа уплата во Банката не се случи, а имајќи предвид дека Банката се соочи со неисполнување на минимални законски услови за работење на банка, неминовно следеше укинувањето на дозволата за основање и работење.

Секако, Народната банка претпочиташе решение што би подразбирало обезбедување на потребниот дополнителен капитал којшто ќе овозможеше таа да продолжи со работење во согласност со законската регулатива. Но, „Еуростандард банка“ не го обезбеди потребниот капитал, ниту обезбеди издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би ја извршил потребната уплата на капитал во обем и со динамика што би овозможила одржливост на Банката на краток и на долг рок.

Со стапката на адекватност на капиталот под два отсто, а без обезбедување дополнителен капитал, „Еуростандард банка“ беше несолвентна, заради што Народната банка имаше и обврска да ја изрече најстрогата мерка. Со ваквата тешка одлука, донесена во крајна инстанца, се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина.

Според супервизорите, стабилни и сигурни ли се другите банки?

Да, како што веќе и соопштивме од Народната банка, сите други банки се стабилни и сигурни. Според супервизорската оценка, односно профилот на ризичност, ниту една банка нема изложеност на ризици во обем што може да се одрази позначајно на нејзините ликвидност и солвентност.

Како што од Народната банка нагласивме и во повеќе наврати во изминатиот период, банкарскиот систем е стабилен, со висока капитализираност и адекватна ликвидност, кои му овозможуваат висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор. Адекватноста на капиталот на банките, контиуирано се одржува на ниво коешто е и двојно повисоко од законскиот минимум од осум отсто и во моментов изнесува околу 17 отсто, додека ликвидните средства на банкарскиот систем се околу една третина од неговите вкупни средства и уште поважно овозможуваат покривање на околу 60 отсто од вкупните депозити на населението.

Позначајни повлекувања на депозити од банкарскиот систем не се присутни. Дури и во екот на најголемата здравствена и економска криза со која се соочил светот, депозитите од нефинансискиот сектор се зголемија за два отсто, анализирано за периодот март – јули 2020 година. Во овој период има раст и на кредитната поддршка на домашната економија за 2,6 отсто, подеднакво присутен и кај правните лица и кај населението. Ваквите движења се само дополнителна потврда за стабилноста и подготвеноста на банките да одговорат на потребите на реалниот сектор, но и на довербата што депонентите и јавноста ја имаат во банките.

Сузи Котева Стоименова за МИА