Од граѓанското здружение „Го сакам Водно“ со соопштение порачаа дека нема да се откажат од битката за парк шумата Водно.
„Нам како граѓански активисти, јасно ни е дека овој тип на дебата е далеку од она што ние го баравме, соочување на факти на неутрален терен, со непристрасен медијатор, и дека доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција. Сепак ние како активисти, нема да одбиеме ниту една можност на граѓаните да им дадеме можност да ги слушнат сите аргументи против гасоводот низ Водно. Нашето присуство денеска на терен на градоначалникот, кој всушност ја има издадено дозволата за сеча низ Водно, не е никаква замена за уште едно соочување на национална телевизија, во нормално време кога граѓаните ќе можат да нè следат, и во која ќе учествуваат сите засегнати институции вклучително градоначалникот Шилегов, Макрадули од МЖСПП кој се согласи за дебата, и ни е чудно што не е денеска овде.
Овој проект е почнат во 2010, јасно ни е дека е на штета на природата, на штета на Водно и не е во најдобар интерес на граѓаните и жителите во државава. Вие самите, во неколку наврати, при некои од многуте средби што ги имавме изминативе 4 месеци, кажавте дека сме 95% во право, па затоа ни е чудно зошто не го прекинете? Зошто наместо во овој период да се посветите и времето да го потрошевте во барање на најдоброто решение и алтернативна траса, го посветивте во создавање непријатели од нас граѓаните? Ние немаме никаков интерес, освен најдоброто за нас како граѓани. Своето слободно време, свои лични материјални ресурси, ги посветуваме работејќи ја работата на државните институции, чија основна цел е да се грижат и да работат во најдобар интерес на нас граѓаните. Наспроти тоа, нè претворивте во условно “друга страна”.
Ние не се откажуваме, но во моментов дали Македонија е на вистински пат кон ЕУ граѓанска држава зависи од вашите одлуки и вашиот пристап токму и по ова прашање.“
Денеска во тек на седница на Советот на Градот Скопје е дебатата за гасоводот на Водно.
Градењето на гасоводот по сртот на Водно се искомплицира, по упорните протести на еколошките здруженија кои се против уништување на природата заради поставување цевковод и копање по сртот на Водно. Градските власти денеска се на јавно соочување на агрументите, а скопскиот градоначалник Петре Шилегов е во улога на модератор на дебатата. Активистите од иницијатива „Го сакам Водно” велат дека не се согласуваат со неговите правила на игра и дека ќе се борат против уништувањето на шумата.
Директниот пренос може да го проследите на следниов линк :https://www.youtube.com/watch?v=QbzOPGuwHmM