Изградба на нов клинички центар засега нема да има, а градската болница 8-ми Септември ќе станува регионален центар. Ова го најави директорот на Фондот за здравствено осигурување презентирајќи ги зголемените буџети на јавните здравствени установи. Клековски вели дека за тоа се неопходни законски измени а во ГОБ 8-ми септември со најмало вложување ќе добијат најдобар одговор.

-Идејата за нов клинички центар е малку паузирана за да ги видиме потребите. Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.

А додека чекаме регионализација, од Фондот годинава ќе плаќаат и за слабеење со помош на хируршка операција кај многу дебели лица, но со препорака од Центарот за обезитас. За почеток ќе има 30 вакви интервенции на Клиниката за дигестивна хирургија.

-На Дигестивна ќе овозможиме и баријатрична хирургија кај екстрмен обезитас бидејќи тој предизвикува низа компликации, вели Клековски.

Ќе има условен буџет за прв пат и за трансплантација на црн дроб од жив дарител за што пациентите досега одеа во странство.

Повеќе од половината од парите во фондовската каса се за буџети на јавните здравствени установи кои годинава се доста зголемени. Надлежнитењ велат, повеќе пари повеќе очекувања, но и контроли на трошењето.