Гоце Ристовски (1958, Крива Паланка) повеќе од половина век е присутен во македонскиот јавен простор како публицист, фељтонист, новинар, есеист, колумнист, аналитичар, литературен и театарски критичар, прозен и драмски автор, преведувач, магистер по културологија, професор, сценарист и режисер. Овие ангажмани не се само титула, туку сведоштво за неговата упорна, разновидна и темелна посветеност кон зборот.
Голем дел од неговата новинарска и публицистичка дејност е нераскинливо поврзан со Скопје, каде што живее и работи. Во неговите текстови Скопје не е само географија или урбан пејзаж, туку жив организам со свои навики, митологии, трауми и радости. Тој го документира како сведок, го толкува како аналитичар и го разигрува како писател, кој знае дека секој град е истовремено и приватна и колективна приказна.
Ристовски работел како новинар во „Нова Македонија“, декан на Факултетот за театарски уметности на Меѓународниот универзитет „Европа прима“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, на Балканската мрежа за култура и културолошки студии, на Светската асоцијација на театарски критичари…
Негови текстови се објавувани во „Слободна Далмација“ – Сплит, „Поља“ – Загреб, „Разгледи“, „Магазин 21“, „Млад борец“ „Сцена”, „Театарски гласник“…, а негови книги се продаваат на значајни светски интернет-продавници и се чувааат во еминетни светски библиотеки.
Неговата драма „9“ е праизведена во 2016 година на големата сцена во Културниот центар во Нови Сад, а преведена е на јазиците на поранешните југословенски републики, на бугарски и на руски јазик. Македонската премиера беше на крајот на 2021 година.
Во 1999 ја доби единствената државна награда за новинарство и публицистика што ја доделува Собранието на Република Северна Македонија за монографијата „Шишков“, добитник е на втора награда на конкурсот на „Студентски збор“ за краток расказ, на наградата „Прозни мајстори“ за романот „Врамување во пустелија“ на книгоиздателството „Феникс“, на меѓународната награда „Ерго сум“ за афирмација и популаризација на театарската уметност, на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за особен придонес за македонската култура и театар, на наградата „Скриптфест“ за филмско сценарио за „Клучевите на Преспа“, наградата за најдобар драмски писател од Европа во 2022 и 2023 година на Здружението на драмските автори, режисерите и продуцентите ОЈЧЕД, Турција, награда за најдобар драмски текст на меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“…
Кога ќе се навратите наназад, што сметате дека е најзначајната преобразба што ја доживеа македонската публицистика во последните педесет години?
Со новинарство активно почнав да се занимавам пред половина век во „Студентски збор“, а претходно како средношколец соработував повремено со дневниот весник „Вечер“…
Својата книга „Свет – сон“ режисерот и професор Љубиша Георгиевски ја објави во издание на „Студентски збор“. Беше тоа време на подем на македонската култура, нашата литература, театар, филм, ликовна уметност итн. Се отвараа значајни македонски теми, се следеа критички доблестите на нашето творештво. Во „Студентски збор“ тогаш се негуваа и хуморот, и сатирата, и забавната музика. Како што прилега на млади луѓе – дискутиравме, отворавме разни, според нашето уверување, во тој период и жешки теми, ги судиравме нашите погледи и ставови на нашите дружења во редакцијата. Знаевме и да се шегуваме. Се сеќавам во таа младешка духовитост, кога сакавме да се пофалиме со нашата новинарска етика, велевме:
– Ние не само што сме од збор. Ние сме од „Студентски збор“!
Имаше со што Македонија во тоа време достојно да се претстави во областа на културата и науката во некогашна Југославија, а тоа македонското новинарство го следеше и го афирмира во весниците, списанијата, неделниците, на радиото и телевизијата. Немаше весник без културна рубрика. Од студентскиот и младински печат („Млад борец“, „Студентски збор“) преку синдикалниот весник „Трудбеник“, весникот „Просветен работник“, „Комунист“ до дневниот весник „Вечер“. „Нова Македонија“ имаше секојдневно страница за култура, а еднаш неделно и културен прилог. На Македонското радио и Македонската телевизија дневно се следеа културните настани, а имаше имногубројни прилози за култура, интервјуа со културни дејци, хроники на културни настани, на пример, Струшките вечери, националните театарски игри „Војдан Чернодрински“. И во печатот, и на радиото, и телевизијата имаше простор за творечки објави, поетски, прозни, за рецензии, критички текстови. Третата програма на радиото целосно беше посветена на културата, се негуваше радиодрамата. Телевизијата продуцира сопствена програма. Многубројни ТВ-филмови и драми, документарни филмови, музички емисии, богата образовна програма, детски емисии и серии… Се пренесуваа културни содржини во живо. Имаше каде да се објави нова песна, расказ, рецензија.
Значаен е и придонесот на „Детска радост“ во рамките на НИП „Нова Македонија“ со списанијата што и содржински и визуелно беа одраз на современите европски стандарди, потоа списанието за хумор и сатира „Остен“, весниците „Флака е влазеримит“ (Flaka e Vëllazërimit) и „Бирлик“ ( Birlik) , кои се печатеа на албански и турски јазик. Повеќето од претпријатијата, особено поголемите, имаа свои фабрички весници, списанија имаа и здруженија од разни области.
Бездруго, мошне значајна е улогата на интердисципинарните студии по новинарство на Универзитетот во Скопје, што имаше клучна улога во преобразбата на нашето новинарство.
И македонската естрада доживеа подем. Тоа го следеше новинарството, журнализмот, (публицистиката, со други зборови) пред сѐ, ревијата „Екран“, која доживеа неверојатен тираж во илјадници примероци.

Мојата генерација го респектира придонесот на претходната генерација што заминуваше и постепено преземаше одговорност за весникот. Во 1978 г. се навршуваа десет години од студентските демонстрации во социјалистичка Југославија. Се објавува текстови во студентските гласила во Белград, Загреб, Љубљана, Марибор. Тоа нè заинтересира за тие настани и времиња. Во меѓувреме, некои го пронајдовме првиот (и единствен) број на списанието „Дијалог“ во издание на „Студентски збор“ од крајот на шеесеттите години целосно посветен на студентските движења во 1968 година, безмалку целосно нерастурениот тираж. Времињата се менуваа. Нашата генерација го бараше својот идентитет. Комунициравме и соработувавме со колеги од другите југословенски студентски весници, се обидуваме да најдеме приклучок, да го подобриме, да го осовремениме дизајнот на весникот, да го збогатиме тематски со нови современи идеи, да ги модернизираме стилот и јазикот во духот на времето.
Во меѓувреме, „Студентски збор“ стана издавачка куќа со завидна и квалиетна издавачка дејност. Се објавуваа учебници, прирачници, научни трудови, но и уметничка литература. Тоа беше за поздравување. Но, ние помладите, сè уште студенти, имавме чувство дека НИО „Студентски збор“ се оддалечува од својата основна дејност – весникот и неговиот ангажман за надминување на студентските проблеми. Сепак, идејно не отстапувавме значајно од воспоставената идејнополитичка матрица. Кога почина Јосип Броз Тито, подготвивме специјално издание на весникот уште вечерта кога неговата смрт беше јавно соопштена и од ноќта до рано наутро делевме бесплатни примероци во автбуси, бифеа, во државната болница.
Времињата се менуваа, а и ние. Се обидуваме да го промениме весникот. Да го проветриме од застојаниот воздух, како што се надевавме. И?
Објавивме некои текстви, како, на пример: „Не е педер секој што се шминка“, а текстот „Зошто се роди четвртиот рајх“ беше повлечен од печатница. Експериментиравме со формата и стилот на текстовите, стававме наслови што немаа никаква врска со содржината на текстот. Да речеме „Четири индијанки и боза“ за текст посветен на некој студентски проблем во кој не се споменуват ниту индијанки ниту боза. Со Ласко Џуровски се обидовме со стрипот како општествено-политички коментар. Ласко илустратор, јас автор на текст.
Се среќававме почесто во редакцијата, држевме состанаци и попладне, разговаравме, се расправавме. И дојде идеја од Север до нас на Југ и потпишавме петиција за поддршка на полскиот синдикат „Солидарност“.
Набргу по потпишувањето на петицијата, нè подбраа инспектори од надлежните служби за државна безбедност. Некои ги повлекоа потписите. Мене и Димитар Николов на седница на редакцискиот колегиум со јавно гласање, едногласно, со еден воздржан глас, ни беше изречена мерка исклучување од редакцијата.
И се соочивме со суровата реалност. За волја на вистината, реалноста е сурова во кое било време. Почнаа да нè приведуваат на службени разговори, за некои беа формирани полициски досијеа за непријателска дејност, што имаше долготрајни последици за нас, а некои, се покажа, имаа бенефит.
Овој период е опишан во книгата на поранешниот претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов, во книгата „И по Тито – Тито“, втор дел.
Во тоа време веќе имав подготвено интервју со тогаш членот на Советот на федерацијата, Киро Глигоров. Бидејќи страниците на „Студентски збор“ за мене веќе беа затворени, го понудив разговорот во „Млад борец“, каде што и беше објавен најмногу поради заложбите на тогашните уредници.
Не би можел со сигурност да одговорам што било најзначајно во изминатиот половина век. За да се измери значењето на нешто, потребно е тоа да се спореди со друго нешто од ист вид. Сѐ што се случувало во македонското новинарство е значајно на еден или друг начин. Обидот за перобрзба во македонското студентско новинарство, за што се искажав, појавата и подемот на неделникот „Фокус“, чиј основач беше Никола Младенов, што на некој начин беше продолжение на претходниот обид „Фокус“, со неколку отпечатени броеви, жестоко нападнат од социјалистичките власти поради критичноста и сатиричноста.
Потоа појавата на првиот независен дневноинформативен весник „Република“ и, секако, мошне значајна преобразба е „Дневник“, потоа весниците „Време“ и „Шпиц“, „Вест“, неделникот „Дело“, ревијата „Теа модерна“… Во „Време“ уредував фељтони, во „Шпиц“ бев член на редакцискиот колегиум извесен период, откога во „Нова Македонија“ бев прогласен за технолошки вишок, поминав во „Теа модерна“ некое време…
Во телевизиското новинарство треба да се одбележи придонесот и значењето на телевизијата „А1“, а во радионовинарството е значајна преобразбата што ја донесоа многуте радија во Македонија.
И дојде ново време. Се појавија порталите со брзиот напредок на дигиталната технологија, што и денес се водечки во информативниот простор.
Како се менуваше Вашиот однос кон новинарството со текот на годините?
Веројатно, како што се менував и самиот, сфаќајќи дека оптимист е неспознаен песимист. Тоа доаѓа со годините, со животното искуство. Во младоста пишував текстови на повеќе страници, на тој начин, како што сметав, суптилно да протнам некоја идеја формулирана со неколку реченици, што ми се чинеше опасна. Сега од оваа дистанција знам дека тоа ниту било многу оргинално ниту, пак, ефикасно, ниту толку опасно. Малкумина чудаци можеби читаат толкави чаршафи, а уште помалку разбираат за што станува збор, што сакал писателот да каже. Но, важно е да се оставаат траги.
Мојот однос се менуваше како што се менуваше новинарството. По некое време, тие промени не можев да ги следам. Новинарството е убава професија, но навреме треба да се напушти. Го следев тоа и станав професор. Но, сè уште првенствено себеси се сметам за новинар.
Знаете, на првата искрена љубов гледаме со носталагија, некако позитивно би рекол, по автоматизам, иако на тоа се сеќаваме сосема ретко и безмалку не паметиме детали. Паметиме некаков вознес, изблик на чувства, стремеж кон небесната светлина за што веќе можеби не сме способни. Впрочем, кога се сеќаваме, се сеќаваме на начин што ни одговара, што и не соодвествува сосема на фактите. Подобро да се сеќаваме така отколку да се сеќаваме како на нешто што било промашена љубов. Така некако е мојот сегашен однос кон новинарството, мојата прва љубов со пишувањето. Првин бев новинар, потоа публицист и писател. Секое време има теми, приказни за кои може и треба да се пишува. Ама прашањето е има ли за кого? Каков е јавниот одглас. Ако нема за кого, тогаш излегува дека се пишува за себе. А тоа веќе не е новинарство, може да биде литература.
Во време на брзи медиуми и кратки формати дали фељтонот има иднина?
Суштината на фељтонот како текст пишуван духовито, лесно, живо во продолженија на определена страница произлегува од името. Фељтонот (фр. feuilleton – подлисток) е текст што е меѓу новинарството и литературата или и таму и таму. Во тој контекст мојот одговор е – не. Таков е мојот став. Не значи дека сум во право. Напредокот, особено на дигиталните медиуми, донесе нови форми и содржини што младите лесно ги прифаќаат, а добар дел од повозарсните отворено им се спротивставуваат.
Функцијата на фељтонот ја презедоа поткастите и тоа функционира на начин како што функционира: откривање и објавување помалку познати случки, настани главно како сензација и желба да се заработи лесно и брзо.
Скопје е централна оска во голем дел од Вашата работа. Кое Скопје најмногу Ве инспирира – минатото, сегашното или она замисленото?
Скопје ме инспирира, најголемиот дел од сѐ што сум напишал сум напишал тука, иако дел од тоа и не се однесува на Скопје или скопјани.
Попривлечно ми е да претпоставувам како ќе изгледа идното Скопје. Да прошетам во иднината што нема да ја видам одошто да се сеќавам на минатото што го имам видено и во некоја степен заборавено. Тоа не значи дека минатото на градот не ме интересира. Читам написи, се навраќам на сопствени текстови, за луѓе што твореле во Скопје и за настани што се случиле во Скопје, за животот во градот. Предизвик ми е и подалечното минатото на Скопје, на кое не сум бил сведок. Со возбуда читам, слушам такви приказни. Тоа ми овозможува да откријам систем на промените со евентуални циклуси и врз основа на минатото да се предвидува иднината. Тоа се подготовки од кои се инспирирам, добивам идеи. Од нив нешто ќе се преточи во текст што ќе произлезе од процесот на ферментација, на зреење на тие идеи.
Сѐ уште сум во фаза во која претпочитам работите сам да ги креирам, да ги замислувам и измислувам наспроти да се потпирам предоминатно на спомените иако мемоарите, сеќавањата, приличат на возрасни луѓе.
И сè уште, не толку интензивно, пишувам. Пишувањето нè штити од заборавање.
Дали постои некој скриен слој на градот што сметате дека современите генерации не го гледаат?
Чинам дека боемското Скопје, животот да се живее како песна, што се уште, како – така, се негува младите малку го знаат или воопшто не го знаат или, пак, по нешто знаат, ама тоа не ги интересира, не ги привлекува. Ми се чини дека слична е состојбата и со културно-историските и со природните знаменитости, што се предизвик за многу посетители од странство, но малку, па за некои млади и воопшто не завредуваат внимание. Денес, многумина од младите скопјани подобро ги познаваат европските и светските градови одошто родното Скопје.
За мене, чуден феномен е што некои млади не излегле од своите населби. Евентуално до Центар или некаде потаму, само по потреба.
Не се тоа скриени слоеви. На виделина се. Скриените слоеви на Скопје се во старите градби. Не само во нивната архитектура, туку и во приказните што се кријат во нив, во сеќавањата на поединци, во новинарските текстови од некогаш, во литературата, музиката, сликарството…
Скопје веќе нема свој автентичен мирис, звук, своја амбиенталност. Стана како голем број метрополи, иако се разликуваат, но во основа се многу слични. Се сведуваат нештата на некаква комерцијализација новодно следејќи ги современите трендови што доаѓаат од Запад. Луѓето се облекуваат исто, слушаат иста музика, пијат исти пијалаци, јадат исто. Се однесуваат слично, гледаат исти серии и филмови. Повеќе се воодушевуваат на нешто туѓо отколку на своето. Така е и во Скопје.
Таков е мојот впечаток. Но свесен сум дека сите ние нештата ги гледаме со свои очи. Помладите имаа друг видик, друг видокруг.
Како го доживувате културниот и урбаниот развој на градот денес?
Од една, практична, страна ме заморува, ме исцрпува, од друга, ми ја јакне гордоста. Си велам себеси, време е да се бега од Скопјиштево. Тука веќе не се живее. И ќе отпатувам некаде и на пократко и при враќањето, со самото влегување во градот, неисчистен, загаден, пренабиен, осквернен, оставен без душа, ми доаѓа едно пријатно чувство. Тука е мојот дом. Тука сум свој на своето. Убаво е да се биде дома, во Скопје.
Кога пишувате есеј, колумна или критика, што Ви е најважно: аргументот, стилот или довербата кон читателот?
Според некои согледувања што ми се прифатливи, најважна е формата (амбалажата), дали тоа е есеј, критика, колумна… Според мене, најважен е стилот, што ќе рече поедноставено до крај – зборот. Пишувањето е манипулација со збор. Зборовите, нивното структуирање, редење во реченици, во крајна инстанција стилот, вешината на кажувањето и раскажувањето. Не е пресудно за што се зборува, туку како се зборува. Вештиот пишувач, како и вештиот говорник, може да ги манипулира со успех консументите, без разлика на темата или приказната што ја кажува.
Ова чинам и натаму има важност. Иако од поодамна, а во последно време помасновно, се практикуваат и се читаат сензационалистички содржини, со што нè бомбардираат медиумите секојдневно.
Денешното новинарство не само кај нас туку и во светот, во економски поразвиените и културно помоќни средини, се сведува на пропаганда и борба за профит. Иако тоа се два не сосема исти начини на практикување, најважното им е заедничко – целта е таа – да се дојде до поголеми пари за пократко време.
Кои се најчестите заблуди за литературната критика во Македонија?
Критиката и делото предмет на анализа се две нешта што се во врска. Критиката и делото што се толкува не се создадени од ист „мајстор“. Се разликуваат според стилот, градбата, материјалот од што се направени, според методологијата. Имаат различна цел, често и различна целна група на консументи. Не зборуваат за нешто исто, не на ист начин и не со ист јазик на изразување. Критиката ја подразбирам како тантела, тантела од зборови. Тантелата и она на што таа е придодадена не се од ист материјал, текстурата им се разлукива, изработени се од разни мајстори. Тантелата го краси објектот на кој е пришиена. Иако нивната врска е кохерентна, таа е наметната.Таквите погледи ги објавувам во книгата „Тантели од зборови“. Критиката, како и тантелата, не е нужна, ама е полезна.
Не знам дали е заблуда, но односот кон уметничката критика, не само кај нас, е погрешно насочен.
Често уметниците не се задоволни од критиката. Имаат многу забелешки. Дека е неаргументирана, та дури и неписмена, дека недоволно го појаснува уметничкиот чин… Во одредени уметности, на пример, во тетарот, се појави критика на критиката. Поточно нешто како антикритика кога уметниците со свои аргументи ја побиваат објавената критика. Тоа е легитимно. Сепак, треба да е јасно дека критиката не е уметност, а според тоа, не е на уметниците да определуваат каква треба да биде. Дневната критика е новинарски жанр. Иако забелешките може да се на место, каква ќе биде, за што и како ќе говори, колкава ќе биде нејзината големина според просторот што го зазема во медиумот, одлучуваат редакцијата, уредниците и на врвот од таа хиерархија сопственикот. Па таа може да е и неписмена и недобронамерана, а дали и како ќе биде пласирана во јавноста, зависи од погоре посочените новинарски фактори. Може да нема врска ниту со естетика ниту со етика. Живееме во капитализам, главна цел е профитот. Парите се врвен критериум за вредност и успешност. Колку пари имаш, толку вредиш, а не колку знаеш и колку си образован. И затоа сензационализмот цути за сметка на афирмирање на квалитетот. А и критиката се прави заради соответна награда – најчесто пари. Колку пари, толку музика!
Тоа е едната страна на медалот. Наспроти „неписмената“ критика е стручната, научната критика, критиката со знајба, што главно се објавува во специјализирани списанија, во научни трудови и книги. Меѓутоа, според некое непишано правило, се случува критичарите, големи зналци, повеќе да кажуват за себе одошто да кажуваат за делото. Работата е што лаичката или неписмената критика, критката со малку знаење во најдобар случај, служи за развеселување, а за жива беља луѓето го сакаат тоа. Стручната, научната најчесто е манифестација на личните способности и општите знаења на краитичарот. Што ќе рече, тој што не знае не ни може да појасни за што станува збор. Тој што многу знае, што е елоквентен, добар реторичар, лесно бега од предметот на толкување манифестирајќи се блескаво себеси со остроумни цитати, мудри изреки, поговорки итн. На тој начин остварувајќи силен впечаток на конзументите и оправдувајќи го својот хонорар со убаво кажаното.
Така некако било со убаво кажаното од векутума века. Кикерон раскажува како познатиот антички лиричар Симонид бил прекорен од неговиот покровител Скопас. Имено, Скопас го поканил Симонид да ја прослави неговата победа во трката со автомобили пред многубројни угледни гости. По завршувањето на хвалоспевот на Симонид, Скопас му рекол на златоустиот поет дека ќе му исплати само една третина од договорениот хонорар, а преостанатите пари да му ги исплатат боговите Кастор и Полинек, кои Симонид повеќе ги прославил во својот вдахновен поетски настап.
Луѓето воопшто, не само уметниците, имаат потреба од критика. И самите да се критичари. Критиката постои откако постојат јавните настапи и објави. По секој таков чин, консументите, гледачите, читателите од појавата на писмото, разговарале и изнесувале свои гледишта и ставови за виденото или прочитаното. Тоа се почетоците на критиката. И денес не е поинаку. Безмалку сите сме стручни квалификувано да критикуваме сѐ од културата (политика, спорт, науката, уметност, забава), многумина убедени дека тоа го правиме брилијантно. Затоа има потреба од критика, не само поради литературата, како што е вашето прашање, туку и поради насушната потреба да се изнесе сопствен критички суд. Дијапазонот е широк од „неписмена, стручна“ до озборување, изживување и задоволување негативни страсти.
Заблуда е дека критиката може да те направи добар уметник. Може да те направи успешен во смисла на подобра материјална положба, статус во општеството, или спротивно, да те урне пред јавноста, но не може да те направи добар писател, добар актер, добар сликар. Целта на уметникот треба да е духовна, а не материјална. Уметноста е обид светот да се менува на подобро. Без насилни средства и без пари ако тоа е можно. Ама животот не е стилска фигура. И уметниците треба од нешто да живеат. Меѓутоа, на Балканот нема спремност да се плати за книга, за тоалет и за секс. Тоа треба да ни е бесплатно.
На што обрнувате најмногу внимание кога преминувате од проза во драмски текст?
На дијалогот. Исто така, и на некои од принципите утврдени од Аристотел во знаменитото дело „За поетиката“. Чинам дека од драмски текст или од сценарио полесно се преминува на проза одошто обратното. Некои мои прозни дела се произлезени од претходно напишани драми или сценарија.
Важно е и да се води сметка за сценската применливост на драмскиот текст. Се обидувам драмските текстови да се погодни за сценска изведба. Првенствено да се за поставување на сцена, а не за читање. Се трудам колку што е можно јазикот да биде згуснат, максималоно редуциран, да нема излишни зборови. Репликите директни, конкретни.
Дали сценаријата или режиските проекти Ви овозможија нешто што литературата сама по себе не може да го даде?
Секако. Дамнешна е расправата дали драмата е литература. Секако дека е. Меѓутоа, во современиот свет не предоминатно. Драмскиот текст е појдовна основа за создавање претстава, а влијание имаат повеќе фактори, што ќе рече – текстот е важен, но не е најважен. Токму тие нешта ги согледував работејќи на сценарија и драмски текстови и преку режија. Многу е важно како актерите како столб на сценска изведба го прифаќаат текстот. Она што ним не им е јасно, уште помалку ќе им биде јасно на гледачите. Актерите учат од драматурзите и од режисерите, ама важи и обратното. Актерите, особено поопитните, со стекната ука и знајба, имаат усет, веќе дури на ниво на инстинкт, како нешто што треба да се каже за да допре до гледачите и да биде прифатливо. Многу значајни се актерските забелешки за текстот за преставата како колективен чин да биде успешна.
Како преведувањето влијаело врз Вашата чувствителност кон јазикот и стилот?
Преведувањето е одличен тренинг за пишување. Да се преведе дело, значи тоа да се усогласи со културниот код на новата јазична средина на која се приопштува. Поедноставено, во најдобар случај тоа значи да се напише дело по нарачка на зададена тема, со утврдена приказна и структура, со наметнат стил.
Една француска изрека вели дека „преводот е како жена. Ако е верен, не е убав, ако е убав, не е верен“.
Преку преведувањето може многу да се научи и за сопствениот творечки процес. По прашањето на идејата, на темата, нарацијата… Од секој преведен автор може да се украде некоја тајна, некој ефикасен трик. За структурата, за развојот на дејството, за јазичната игра со зборови. За поливалетноста на зборовите, нивните скриени значења, нивната звуковност и мелодичност, нивната магичност.
Што е најважно за една култура да може да се разбере себеси преку уметноста?
Многу нешта, секако и пари. Културата не е евтина купечка играчка. За да се разбере нешто, тоа треба да се познава. За да се познава, треба да се сака. Колку нештото повеќе се сака, толку повеќе се знае. Колку повеќе се знае, повеќе се сака.
За жал, недоволно ја знаеме и цениме сопствената уметност како дел од културата.
Кои вредности во новинарството и книжевноста се чини дека исчезнуваат и дали треба да се сочуваат?
Стилот, јазикот, традиционалните вредности, нарацијата, приказната. Традиционалните приказни се враќаат и во новинарството, и во литаратурата, и на филмот. Луѓето од памтивек, уште од времето на Хомер, биле љубопитни за случените настани, за оние што се случуваат и за оние што може да се случат. Биле заинересирани за судбините на хероите со кои се идентификувале.
Новинарството денес е дојдено до таму што, за да бидеш новинар, не ти е потребно ништо друго, освен телефон, како што напиша колегата Звездан Георгиевски. Што би сакале младите автори и новинари да го знаат, а најчесто го прескокнуваат?
Новинарството е професија како и секоја друга. Не треба да се мистифицира, но не треба и да се минимизира, да се потценува. Дека новинарството било седма сила, а сега е без душа останато. Сведено на пропаганда и профит. Дека треба да се води сметка за јазикот, текстовите задолжително да се лекторираат и да се уредуваат. Дека новинарство не е (како што е сведено) копирај – пресликај. Ако стаса некаква вест со грешка во насловот, за чудо – веста со видлива грешка се повторува на повеќе портали. Значи, не се ни чита, дирекно се објавува. Најважна е брзината. Тоа веројатно носи најмногу бенефит, што на крајот се изразува во пари. Тоа не е новинарство.
Една од Вашите најпознати книги е „9“. Во делото постојат повеќе симболички, филозофски или психолошки нивоа. Кое ниво беше најтешко да го обликувате?
За симболичките, филозофските или психолошки нивоа за кои прашувате не сум водел сметка и не знам што било најтешко за обликување. Не сум имал претензии за таква повеќеслојност. Доколку ја има, таа е произлезена од тој творечки чин, што можеби повеќе се потпира на инстиктивното. Одеше лесно, иако до финалната верзија имаше претходни 11 верзии. Беше напишана за неколку месеци. Се таложела во мислите и мораше да излезе, да се ослободи. Инаку, не пишувам според однапред утврден план, формулирана приказна, утврдени ликови и карактри, дефинирано дејство. Почнувам да пишувам тргнувајќи од некоја идеја што ме притиска не знаејќи како ќе се развива, каде ќе се случи конфликт, како ќе се разреши, каква ќе биде судбината на ликовите. Влегувам со чунот во водата и оставам да ме носат струите, без да им се спротивставувам. Тие ме носат таму каде што треба да стасам. Пишувам затоа (и кога) тоа ме исполнува и тогаш вистински живеам.
Вашата последна книга „Тантели од зборови“ како ја доживувате: како збирка есеистички минијатури, поетска проза или нешто меѓу нив?
„Тантели од зборови“ е збирка есеи, рецензии, што се однесуваат на автори и дела од областа на литературата, театарот, филмот, музиката и сликарството и студии што говорат за идентитетот и литературата, постколонијалната критика, театарот и антропологијата, националниот театар и драмата, македонската драма и театарот кон крајот на дваесеттиот век, придонесот на велешките уметници и интелектуралци во македонската култура, неколку беседи за македонски актери и може да се чита како поетска проза.
Обединувачката нитка е преку овие прилози да се толкува односот меѓу уметничкото дело и критиката и да се аргументира ставот дека критиката е тантела од зборови. Ако ги ставите „9“ и „Тантела од зборови“ една до друга, што би си рекле една на друга?
Интересно прашање. И добра идеја. Ќе се обидам да узнам. Ако книгите носат живот, претпоставувам кај и да е, ќе се поттурнуваат, како луѓето. Ќе се скараат за наследството, како браќа и сестри. Делењето ист поростор, во ист рафт во библиотеката, една до друга, нужно ќе предизвика комуникација, загриженост за просторот што го делат и моментната иста судбина. Не знам дали книгите само би рекле „Ма, у п.м. тој што нè направи!“
Кога пишувате краток текст со голема густина, што Ви е најтешко: да го скратите или да го прецизирате?
Секој текст може да се скрати и да се прецизира. Тоа е уредничка работа. И како уредник не ми било тешко да кратам и прецизирам туѓи текстови. Од многу штоф кога се прави мала конфекција, остатокот може да се фрли, што не е тешко. Обратното е потешко, од малку штоф да направите несразмерно поголема конфекција. На прв поглед се чини невозможно. Ама не е така. Со напредокот на текстилните материјали, растегливи влакна, што се користат при ткаењето, мала ракавица може да се престори во ракав, чорап да стане ногавица, мала простирка да стане чаршаф.
Со моите текстови кратењето и прецизирањето ми е потешко. Оти се мои. Ама кога е „морално“, нема друго.
Поезијата е есенција на јазикот, кратките коментари од 7-8 реда што своевремено ги воведе Геровски во „Шпиц“ беа нешто слично на тоа, во духот на анегдота. Важно е да се програмирате. Имате толку реда и готово. Да не треба потоа да кратите, да прецизирате. Нели, кога се сака, сѐ се може, кога се може, сѐ се сака.
Како реагираат читателите на Вашите книги? Имало ли интерпретации што Ве изненадиле?
Да, имало такви реакции. Се сеќавам во редакцијата на „Шпиц“ ѕвонеше службениот телефон. Се јави уредничката Билјана Илиќ од бирото наспроти мене. Некако го промени лицето, како да се возбуди и ми ја подаде слушалката. Човекот што се јавуваше културно ми се претстави, ми кажа дека е полицаец, дека е од Струмица. Ми рече дека бил во тешка ситуација и со умисла да направи злодело. Благодарение на Вашиот текст што вчера го прочитав, мојот живот се смени на добро. Ми дарувавте нов живот/ Ви благодарам – додаде. Разменивме телефони, се договаравме да се видиме.
Ме изненади Михајло Митревски од Охрид со констатацијата дека во романот „Врамување во пустелија“ има многу страв, Десислава Шпатова од Бугарија со ставот дека во „9“ се чувствува мирисот на војната во некогашна Југославија, Зоран Илиќ од Србија со укажувањето дека збирката раскази „Гола вода“ го отсликува животот на обичните луѓе на начин што е реткост во современата литература.
МИА




