Скафандерот кој Нил Армстронг го носеше на „Аполо 11“ вчера беше изложен првпат по 13 години во Националниот музеј на воздухопловство и космонаутика „Смитсон” во Вашингтон, по повод 50-годишнината од мисијата на Месечината.
– „Аполо 11″ е единственото случување од 20. век, од американската историја, што веројатно ќе биде запомнето во третиот милениум, рече на отворањето потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Тој, исто така, напомна и дека во 1960-тите меѓу населението во земјата имало длабоки поделби, но тој настан ги обединил. Армстронг, кого светот го знае како првиот човек што стапнал на Месечината, почина на 12 август 2012 година.
На вчерашната свеченост присуствуваше неговиот син Рик.
Скафандерот во 2006. беше тргнат од музејските излози поради реставрација и одржување.